На пазарот денеска постојат едно чудо „помагала“ за мозокот – апликации, видео записи и уреди дизајнирани да го зголемат нашиот мисловен капацитет. Претходница на сите нив може да се каже дека е една, сѐ уште популарна серија од ЦД-а, во кои се тврди дека слушањето класичната музика – особено на Моцарт, го стимулира мозокот на бебето. За жал, како што се демонстрира во видеото на „SciShow“, овие тврдења не се ништо повеќе од обичен мит.
Како што објаснува водителот Хенк Грин, оваа Моцарт – манија, започнала после објавувањето на една добронамерна студија во 1993 година. Наодите откриле дека студентите кои слушале музика од Моцарт биле за нијанса подобри при тестовите за просторна интелигенција.
Но и покрај подоцнежните истражувања кои покажуваат дека музиката може да им помогне на луѓето да се „загреат“ пред вакви тестови, или дури и да ја редуцира можноста од појава на напади кај епилептичарите, не постојат добри докази дека музиката може трајно да ја подигне моќта на размислувањето кај луѓето, без оглед на возраста.
И бидејќи е полесно некоја идеја да се формира, отколку да се отараси од неа, митот за „ефектот Моцарт“ се задржал во популарната имагинација. Повеќе информации за потеклото на овој ефект, како и што навистина може да му помогне на развојот на мозокот на бебето, погледнете во видеото.