Проектот „Марс еден“ (Mars One) вреден 6 милијарди долари не е истражувачка мисија. Тоа е пат во еден правец. Одиш таму, таму и умираш. Може дури и да умреш на пат до таму. Нема да има обиди за спасување, болници, нема брзо решавање на проблемите што може да се јават. И нема враќање на Земјата.
Но, колку е реално човештвото да постави цел за населување на Црвената Планета во период од 10 години?
„Со постоечката технологија човекот може да се насели на Марс“, пишува на веб страницата „Mars One“. Но, тоа е само донекаде точно.
На најосновно ниво, ние имаме технологија да стигнеме на Марс, дури и да изградиме живеалиште и да одгледуваме храна. Но може ли да одгледуваме храна на долг рок?
Една физибилити студија направена минатиот октомври од студентите од Институтот за технологија од Масачусетс (MIT), заклучила дека со денешната технологија – колонизацијата на Марс како што е претставена во проектот „Mars One“- не е остварлива. Меѓу проблемите се и неможноста да се обезбеди доволно храна за доселениците, како и големото количество на кислород што се генерира од растенија во затворен простор. Тие исто така ги наведуваат и големите трошоци потревни за пренос на луѓе и намирници до Црвената Планета. Само ласнсирањето се проценува дека ќе чини 4,5 милијарди долари.
Радијација
Вселената не е пријателско место за човекот. Ние сме еволуирале на Земјата и создадени сме само за живот на Земјата. Земете ја радијацијата на пример. Постојат два типа на опасни радијации во вселената: галактичките космички зраци (GCR), предизвикани од супернова експлозиите и други високо-енергетски случувања во вселената; и соларните енергетски честици (SEP), создадени од соларните активности.
Во мај 2013 година, едно истражување користејќи ги мерењата направени од теренецот „Curiosity“ на Марс, дојде до заклучок дека нивото на радијација во тек на шест месечно патување до Марс, би било еднакво како да правите КТ-скен на цело тело секоја недела или почесто. Тоа е три пати повеќе од радијацијата на која се изложени астронаутите на вселенската станица.
Ова се разбира не ја вклучува радијацијата на површината на самата планета. За разлика од Земјата, Марс нема магнетно поле што ќе им помогне на луѓето да се заштитат од штетните честици од Сонцето. „Mars One“ признава дека површината на Марс добива повеќе зрачење но и дека „се’ уште блокира значителна количина“. Сепак , вистината е дека ние не знаеме какви ќе бидат ефектите од изложеноста на таа радијација.
Ралф Гелерт, професор по физика на Универзитетот„Guelph“, кој работел на неколку мисии за Марс (вклучувајќи ја и мисијата „Curiosity“), вели дека не верува дека радијацијата е главниот предизвик. „Радијацијата што ќе ја „соберете“ по пат, нема да ве убие веднаш“ – вели тој.
За луѓе што се на „пат во еден правец“ до Марс, тоа можеби и не е причина за голема загриженост. Па сепак, што ако некој се разболе од рак. Дали ќе има пристап до зрачење или хемотерапија?
Поправки
И еве, сте се сместиле на Марс. Што ќе се случи кога нешто ќе се расипе. Студијата од „MIT“ го нагласува недостатокот од резервни делови како еден од главните проблеми за доселениците на Марс. Нема да биде возможно мисијата „Mars One“ да понесе резервни делови за сите потреби на колонијата. Сепак, ова може да се ублажи со сѐ побрзиот развој на 3Д принтерите.
Амбициозен проект
Иако мисијата веројатно ќе се соочи со големи предизвици во својата желба да го насели Марс во текот на следните 10 години, има луѓе кои сметаат дека барем сме на добар пат.
Нил де Грас Тајсон , познат астрофизичар и директор на планетариумот „Hayden“ во Њујорк , во врска со овој проект вели „Потребно е да имаме луѓе кои ќе осмислуваат вакви проекти, инаку никогаш не би отишле никаде“.
Сепак – додава тој – „Мислам дека ова е малку преамбициозно. Добро е што има луѓе што размислуваат на овој начин, но се плашам дека има инвеститори што мислат дека дестинацијата е поблиску, отколку што навистина е“.
Запрашан дали смета дека е возможно населување на Марс во следните 10 години, Гелерт вели „Искрено, не, но ова е добро почеток. Успех е што луѓето почнуваат да размислуваат, да планираат и да зборуваат за тоа. Добро и благородно е да се постави таква цел“.
Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусија на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.