Во четвртокот, на 20 декември 2018 година, дел од тимот на ЕНаука.мк беше на едно, би го нарекле футуристичко предавање кое се одржа на Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии во Скопје (ФЕИТ), каде за прв пат во Македонија се зборуваше за нешто авторско и иновативно од областа на вештачката интелигенција под наслов “Семантичко и аномалиски управувана вештачка интелигенција и модел на мозокот”.
Истото не би било нешто необично до моментот кога предавачот Александар Савевски предложи начин, како една ваква длабока неврална мрежа би можела да развие и сопствени емоции.
Веројатно погодивте, станува збор за вештачката интелигенција.
“Првото прашање кое си го поставив е како да опишам на едноставен начин концепт кој на многу начини е поврзан емотивно со секој од нас, а во последно време ни се наговестува дека ќе биде наша конкуренција и можеби причина за наше изумирање како вид”, вели Савевски.
Иако многу популарна тема и алатка која има практично неограничена употреба, штом почнете да се запознавате со истата ќе почнете да воочувате колку недостатоци има.
“Недостатоците одат до таму што самите творци на модерните неврални мрежи почнуваат да бараат алтернативни насоки за развој на нови типови на слоеви и мрежи”, објаснува тој.
Претпоставуваме дека веќе кревате раменици и велите не е возможно, дека една машина не може да биде емотивна бидејќи таа нема душа, но сепак предавањето отиде во уште една неочекувана насока, а тоа е дека ги појаснува методите како и ние самите ги добиваме емоциите.
Нешто што сигурно како што беше презентирано директно би влијаело на начинот на кој што би третирале состојби како Аутизам или задоцнет говор или пак воопшто би придонеле да најдеме начини да учиме подобро.
И секако станува збор за концепт кој во следната фаза треба да се покаже како практично функционира, но имајќи во предвид дека сето ова се случува токму во Македонија, во поле на кое цел свет, вклучувајќи и најголемите технолошки гиганти работат е доста интересно.
Како нови поими се појавија комплетно нов неврален слој именуван како Мила (MILA LAYER) и нов тип на длабока – широка мрежа именуван по локацијата на која се одржа предавањето ФЕИТ (FEIT Deep Wide Neural Network).
За крај и една добра вест, на крајот од предавањето беше предложен и начин кој би спречил вештачка интелигенција од излегување од контрола, процес аналоген на синаптичкото кастрење кое се одвива кај секој од нас луѓето.
Истиот тој процес е одговорен за нашето говорење со акцент на јазиците кои што ќе ги научиме после шестата година. Ова излагање уверува дека апокалиптични сценарија каде вештачката интелигенција би излегла од контрола за сега се исклучени.
Доколку наиде на соодветна финансиска и техничка поддршка идеја од ваков обем има потенцијал да ја стави Македонија директно во врвот на земји кои што се лидери во оваа технологија имајќи во предвид какви новитети беа предложени во еден час од информативното предавање.
На самиот крај авторот директно се заблагодари на поддршката која до сега ја имал добиено од факултетот и професорите за реализација на предавањето.
*Вреди да се напомене дека самиот автор на овој прекрасен проект е татко на Мила, дете со аутистични елементи. ЕНаука.мк го поздравува секој ваков подвиг на родителите, да се направи било што за да ја подигнат свеста за аутизмот и интеграцијата на лицата и деца со вакви пречки во општеството. Во овој случај вложениот труд е можеби на највисоко ниво.