„New York Times Q&A“ објавуваат вознемирувачки пресврт на она што до сега сме го научиле во сексуалното образование. Тие потврдуваат дека всушност една жена може да забремени додека е веќе бремена.
Колку нереално и да звучи, науката стои позади овој факт. Под исклучителни околности жената може да продолжи да овулира во текот на бременоста и да зачне уште едно дете, состојба што е позната како суперфетација или ‘superfetation’.
Тоа значи дека една жена може да има два фетуси во неа, меѓутоа во различни фази на развој. Но, пред да почнете да паничите, ова е многу малку веројатно да се случи на вас или на некој што го познавате бидејќи според извештајот објавен во 2008 година во Европското списание за акушерство и гинекологија досега се случило само 10 пати вкупно во научната литература.
Многу од тврдењата за двојна бременост во текот на годините биле разоткриени, но според истражувачите најмалку 10 од нив се вистински, поддржани со докази.
И откако се објави овој извештај, пријавени се и уште неколку други случаи.
Во 2009 година, една жена од Арканзас останала бремена откако веќе била бремена две и пол недели. И двете бебиња биле породени со царски рез на 2 декември, со тоа што едното бебе биле родено две недели порано.
Во 2015-тата година пак, еден австралиски пар добил две девојчиња кои биле 10 дена разлика при раѓањето.
Па, како е ова воопшто возможно? Оваа појава е всушност доста честа кај цицачите, освен кај луѓето, и се среќава на пример кај глодарите, зајаците, коњите, овците и кенгурите.
Понекогаш овие цицачи имаат двојна матка за да се олесни двојната бременост или понекогаш менструалниот циклус едноставно им продолжува и за време на бременоста. Ова се смета дури и за корисна репродуктивна стратегија кај некои видови.
Но, кај луѓето оваа состојба се чини дека е многу ретка, бидејќи штом жената остане бремена нејзиното тело активно ја блокира можноста за појава на втора бременост.
„Обично, кога жената е бремена, престануваат да се ослободуваат јајце клетки, а и хормоналните и физичките промени во рамките на бременоста работат заедно за да спречат уште едно зачнување“ објаснува Клерборн Реј за „New York Times’ science Q&A“.
Но, од некоја причина во оваа состојба на суперфетација, бремената жена сепак успева да овулира. Машката сперма некако успева да ја оплоди јајце клетката заобиколувајќи го слузот кој го затвора грлото на матката откако ќе се зачне првиот плод.
На крај треба да се случи имплантација, што е многу деликатен процес дури и кај обичната бременост. А кога една жена е веќе бремена, нејзините хормони треба да ја направат матката неповолно средина за уште една друга јајце клетка да се имплантира, а исто така нема да има и многу простор за тоа.
„За да дојде до оваа состојба кај луѓето, се чини дека треба да се случат три навидум невозможни нешта. Треба да се случи овулација за време на тековната бременост, спермата треба некако да го најде патот преку блокираното грло на матката до јајцеводите, и на крај концептусот треба успешно да се имплантира во веќе окупираната матка“ изјавува Халил А. Касимали за „Scientific American“ во 2011 – тата година.
За разлика од случајот со близнаци, кој се случува кога оплодената јајце клетка се дели на два дела или кога две јајце клетки се оплодуваат од две сперми во исто време, оваа состојба на суперфетација води до бременост со еден дополнителен фетус кој е помлад од веќе постоечкиот.
Досега, не се пријавени случаи за оваа состојба со поголема разлика од неколку недели во возраста.
Според документот од 2008-тата година во Европското списание за акушерство и гинекологија, во оваа состојба секогаш двата фетуси имале посебна амионска ќеса и се разликувале во големината и во текот на бременоста и потоа.
Со оглед на многу малите примероци со кои научниците мораат да работат, се’ уште не е јасно зошто се појавува оваа состојба и дали постојат некои ризик фактори кои ги зголемуваат шансите за овој феномен.
Сепак, Касимали забележува дека оваа состојба е почеста кај жените кои подлегнале под третмани за плодност. Со оглед на тоа колку е ретка оваа појава, изненадувачки, повеќето бебиња успеаат да преживеат.
Главниот ризик е тоа што и двете бебиња се раѓаат во исто време и покрај разликата во возраста, па едното бебе е секогаш родено предвреме.
Доколу сакате, можете да прочитате повеќе за оваа чудна состојба на следниве линкови: линк бр.1 и линк бр.2