Даркнет – темната страна на интернетот

Даркнет - темната страна на интернетот

За него имаат слушнато многумина, а повеќето широко го заобиколуваат. Невозможно е да се посети преку Google, но оние кои еднаш биле таму се вратиле променети. Покрај психолошките последици заради содржините на кои наишле, дел од посетителите завршиле на радарот на полицијата.

Станува збор за место на кое се состанува чистото зло на човековата природа. Детска порнографија, мачење животни, експерименти врз луѓе, дрога, продажба на органи, нарачување убиства, snuff филмови (во кои актерот навистина е убиен), слики од тероризам, забранети стории од истражувачко новинарство, активност на политички дисиденти, нецензурирани информации и слично. Сето тоа е дел од темите и содржините кои се наоѓаат длабоко во скриените длабочини на интернетот.

Кога во 2004 година за првпат е лансиран за јавноста никој не можеше да поверува дека границите на човековата природа ќе бидат потиснати толку далеку. Поради експлозијата на криминални активности од кои многу ги надминуваат границите на здравиот разум, тајните служби, Интерпол и полицијата веќе почнаа интензивно да го „чешлаат“, затворајќи ги таквите интернет страници и криминалците на кои поради анонимноста е мошне тешко да им се влезе во траг.

Ова е приказна за „Даркнет“, темниот свет на интернетот, кој поради анонимноста ја ослободи човековата природа во сите нејзини облици. Ги наметна темите кои медиумите често пати ги заобиколуваат и ја разби илузијата за светот во кој живееме.

Што е впрочем тој скриен дел од интернетот, таа паралелна реалност до која е невозможно да се пристапи преку достапните интернет пребарувачи?

Интернетот може да се подели на три дела: површински, длабок и мрачен дел. На површинскиот се наоѓа онаа содржина која што можеме лесно да ја пронајдеме користејќи ги стандардните пребарувачи, како што се Google или Yahoo. Длабокиот веб е оној дел од интернетот што повеќето пребарувачи не можат да го регистрираат, па до тие информации потешко се доаѓа. Поимот го има смислено американскиот филозоф, Michael Bergmann, кој длабокиот веб го споредува со риболовот на начин што поголемиот дел од информациите, слично како и поголемите риби, се наоѓа во подлабоките води, па не може да биде лесно уловен со мрежата.

Илустрација на интернет „морето“

Се проценува дека околу 3% од податоците се наоѓаат на површинскиот веб, додека преостанатите 97% се во длабокиот. Со други зборови, иако се добива впечаток дека интернетот, односно површинскиот веб е навистина голем, подлабоките нивоа се до 500 пати пообемни.

Во нив се наоѓаат податоците до кои се пристапува потешко. Може да се работи за информации до кои пристапот е можен само преку интерен пребарувач на некоја веб страница или пак, содржината е заштитена со шифра, како банкарските сметки.

Иако може потешко да се пронајдат, податоците на длабокиот веб се најчесто со голема вредност. Може да се најдат теми од сите подрачја: финансиски извештаи, тајни медицински податоци, содржини од политички конференции, необјавени факултетски истражувања и сл.

Мрачен веб

Како што водата станува сè потемна во длабочините, така и длабокиот веб станува сè потемен колку повеќе се навлегува во него. Мрачниот веб или „Даркнет“ е оној дел од длабокиот веб простор чија содржина е намерно скриена од очите на јавноста и е речиси невозможно да ѝ се пристапи преку вообичаените прабарувачи. За да се дојде до таму потребно е на компјутерот да се инсталира посебен пребарувач.

Еден од нив е – „Тор“, кој им овозможува анонимност на сите кои што сурфаат низ Мрачниот веб. Тор е развиен од страна на американската воена морнарица за да овозможи безбедна комуникација меѓу владините органи. Во 2004 година софтверот станува достапен за јавноста и поради неговите перформанси, во поглед на анонимноста и заштитата на приватноста, стана употребуван од сите кои сакаат нивните активности да останат скриени од очите на јавноста. Притоа анонимноста е загарантирана за сите страни: оние кои објавуваат податоци, оние кои ги отчитуваат и оние кои посредуваат.

Анонимно пребарување на интернет овозможено преку Тор пребарувачот

„Тор“ е акроним зад кој стои називот „The Onion Router“, така што повеќето страници на Даркнет завршуваат на .onion, наместо со .com, .net, .org, .eu и слично. Onion,  што на англиски јазик значи – кромид, служи како своевидна метафора. Токму како што кромидот се дели на слоеви, така и мрачниот интернет има слоеви движејќи се кон длабочината, гарантирајќи притоа  анонимност на корисниците. Моментално на даркнет се наоѓаат помеѓу 200.000 и 400.000 страници и пристапот до нив е прилично бавен бидејќи секогаш кога се пребарува некоја информација таа најпрвин минува преку целата мрежа на Тор-системот за да овозможи потполна анонимност.

Таквите карактеристики овозможуваат плодна почва за криминални активности од секаков вид. Од продажба на органи, детска порнографија, трговија со луѓе, па сè до шверц на документи, егзотични животни и нарачки на убиства. Криминалните операции го привлекуваат вниманието на полицијата и на агенциите од целиот свет при што се дојде до една апсурдна ситуација: ФБИ се најде против криминалците кои користат напреден софтвер за анонимност создаден токму од страна на американската влада.

Визуелен приказ на вредноста на нелегалната трговија на Даркнет

Иако привлекуваат најголемо внимание, криминалците не се единствените присутни на даркнет. Врз основа на истражување од факултет во Луксембург, освен криминални мошне се активни и страниците поврзани со човековите права, информации цензурирани во некои земји, забранети текстови на истражувачки новинари и сл. Сите тие актери се присутни на дарнкет користејќи ја апсолутната анонимност што ја нуди системот.

Дополнително анонимноста е загарантирана и со тоа што едно од главните средства за размена е виртуелната валута – Биткоин, на чии трансфери е многу тешко да им се влезе во траг.

Биткоин и останатите крипто-валути овозможуваат анонимна трговија

За да биде јасно, спротивно на раширеното мислење Даркнет не е нелегален, туку нелегални се содржините кои таму се наоѓаат. Легален е дури и Тор, софтверот што овозможува голем степен на анонимност.

 

Апсења и криминални активности

 

Кражба на идентитет

Даркнет привлече големо внимание во јули 2015 година, кога Ashley Madison, канадска страница за љубовни неверства дојде на удар на хакери кои бараа нејзино затворање. Откако врвот на компанијата го одби барањето хакерите почнаа да објавуваат илјадници податоци на корисници токму на даркнет. Но, тоа е само врв на ледената санта на криминалните активности. Длабочините кријат сосема поинакви тајни. Крадење на идентитет и шверц на документи (лажни и украдени) како и кредитни картички е постојано присутно на мрачниот интернет и за неколку илјади долари може да се набави американски пасош и државјанство.

Оружје

На темниот интернет можно е да се набави цел арсенал оружје, од Калашњиков до експлозив С-4, како и упатства за изработка на бомби и други експлозиви. Секако, на располагање се и видео материјали и упатства за нивна изработка.

Илегални огласи за продажба на оружје

Дрога

Меѓу најпознатите нелегални страници на даркнет беше таканаречената Silk Road, интернет платформа за препродавање на дрога и оружје пуштена во употреба во 2011 година. Страницата имаше годишен промет повеќе од 40 милиони долари. Две години подоцна, во 2013 ФБИ го уапси Ross Ulbricht, основач на страницата, кој е осуден на доживотен затвор заради перење пари, хакерство и трговија со дрога. Обвинението исто така, вклучуваше и инволвираност за он-лајн нарачки за убиство на шест лица, иако тие дела не беше никогаш докажани. Трговијата на Silk Road се одвивала единствено со Биткоини, ФБИ запленила околу 300.000 единици на дигиталната валута во вредност од над 50 милиони долари. Но и покрај затворањето на страницата, ситуацијата воопшто не се промени. Слични страници продолжија да постојат со многу контроверзни содржини во нив.

“Силк роуд“ – илегална веб продавница

Од останатата понуда што за одредена сума може да се добие во длабочините на мрачниот веб се и:

  • Нарачување убиства
  • Трговија со луѓе
  • Измачување животни
  • Трговија со органи
  • Детска порнографија
  • Директно емитување на силувања и сексуални насилства
  • Експерименти врз луѓе и др.

Против сузбивањето на злосторствата на даркнет покрај полициските сектори учествуваат и многу хакерски групи, меѓу кои и добро познатите Анонимуси. Во 2011 година групата елиминираше повеќе од 40 страници со педофилска содржина и објави идентитет на преку 1000 корисници на таа содржина. Сепак, иако полициските агенции и тајните служби одамна имаат основано големи одделенија за борба против криминал на даркнет, засега владините агенции водат загубена битка низ бескрајните длабочини на мрачниот интернет.

Извори: Washington Post | Guardian | Marc Goodman “Future Crimes” | Interpol | Europol | National Center for Missing and Exploited Children | US Department of Justice |

Поддржете ја нашата работа: