Дел – 2
Село Стамер се наоѓа на околу 200 километри источно од Скопје, во близина на градот Делчево. Место што многумина, во слободната комуникација, почнаа да го нарекуваат македонски „Јура Парк“.
Пред неколку милиони години подрачјето на градот Делчево било долина исполнета со вода и под влијание на тропска клима. Денес, под дејството на тектонските поместувања на тлото, релјефот е потполно променет.
Теренската работа почнува со скицирање на локалитетот и почеток на ископувањата.
Искусниот тим составен од палеонтолог и инженери внимателно го пребаруваат земјиштето и локациите забележани на нивните мапи.
Сите евентуално пронајдени експонати соодветно се пакуваат и се проследуваат во палеонтолошката лабораторија во Природонаучниот музеј во Скопје.
„Материјалот кога ќе се извади на теренот е влажен и свеж. Тогаш може со мала работа да се открие дел од коските. Но, мошне брзо се суши, се стврднува. Така што мора да се остави за да се доработи тука, во лабораторијата“, објаснува Македон Петлицаров, конзерватор во Природонаучниот музеј во Скопје.
Фазата на обработка на пронајдените фосили е сложена. Таа претставува основа за успешна идентификација на материјалот.
„Прва фаза е колку што може побрзо материјалот да се исчисти од глината и да се дојде до коската. Една од моите задачи е што попедантно да го исчистам пронајдениот материјал. При тоа, не смее да се уништи ниту еден дел од коската. Секоја нерамнина и вдлабнатинка си има свое значење. Посебно ако станува збор за коски на главата. Ако се скрши заб или дел од черепот, идентификацијата на материјалот би била невозможна“, го завршува конзерваторот своето објаснување.
Во просторијата за идентификација постапката се одвива според утврден редослед. Во тек е анализа на заб од некое предисториско животно.
Се проценува дека станува збор за заб од месојадно животно, односно карнивор.
„Првенствена карактеристика која што нè наведува да заклучиме дека е карнивор е неговиот зашилен тубер, односно врв на забот. Овој претставува дерач, преткатник, којшто му овозможува на животното при напад да го зграби пленот и да ја раскине мускулатурата. Овој тип на заб недостасува кај тревопасните видови. Кај нив забите се порамни, прилагодени повеќе за дробење на растителна храна“, објаснува палеонтологот Гаревска.
Хиената е грабливо животно кое денес живее единствено во централна и јужна Африка. Уште од праисторијата тие биле „наоружани“ со остри заби и силни канџи. Но, ако хиените биле ловците тогаш кој им бил пленот?
Според наодите на палеонтолозите во тој период на територијата на Република Македонија живееле и неколку видови антилопи, диви кози, мајмуни, но и покрупни цицачи како што биле мастодонтите.
Најголемиот пронајден примерок бил висок околу 4 метри и тежел 8 тони.
„Станува збор за големи тревопасни животни, предци на денешниот слон. Односно тоа е една палеонтолошка низа која што води кон различен еволутивен развој. Како последен во низата на овие фосилни слонови, односно мастодонти, е мамутот. Тој е последен предок на денешниот слон“, вели нашиот палеонтолог.
Современата наука сè уште е поделена во однос на причините за нивното изумирање. Најмногу докази одат во прилог на тврдењата дека овие џиновски цицачи од територијата на денешна Македонија почнале да исчезнуваат поради нагли климатски промени. Скептиците пак, кои не се согласуваат дека временските прилики биле фактор за изумирање на некогашниот жив свет и натаму талкаат низ праисторијата барајќи го својот одговор. Според нив, во текот на последните неколку милиони години се случиле голем број на слични затоплувања и ладења кои не влијаеле на опстанокот на животните.
Истражувањата продолжуваат, а научниците во Македонија и во светот и понатаму ќе бараат одговори за животот и за истребувањето на древните животни од нашата планета.
Доколку го пропуштивте, прочитајте го првиот дел на колумната, за предисториските ѕверови кои владееле со овие простори во минатото.