Секоја година се чини дека поминува се побрзо и побрзо, но астрономите открија дека денот на Земјата всушност станува подолг.
Поради постепеното забавување на ротацијата на нашата планета, денот на Земјата се зголемува за околу 1,8 милисекунди на секои 100 години.
Иако ова не изгледа многу (би биле потребни околу 3,3 милиони години за да добиеме само 1 минута, а 2 милиони векови за да добиеме дополнителен час во нашиот ден), разбирањето на тоа колку точно се забавува ротацијата на нашата Земја и кои фактори влијаат на ова е од особено значење за научниците да направат точни пресметки за иднината на нашата планета.
Всушност, ова откритие покажува дека нашата планета е понепредвидлива отколку што очекувавме. Претходните пресметки покажуваа дека ќе додаваме по 2,3 милисекунди на денот секој век, што значи дека ротацијата на нашата планета се забавува помалку отколку што очекувавме, во текот на долг период на време.
Или со други зборови, тоа значи дека нашиот ден станува подолг, но не толку брзо како што претходно мислевме. Како што се менува нашата клима, така може да очекуваме да се промени и ротацијата на Земјата, истакнуваат научниците.
Тоа е многу бавен и несигурен (променлив) процес, бидејќи геофизичките сили кои влијаат на ротацијата на Земјата не се секогаш константни во текот на толку долг временски период. Но, и покрај несигурноста, овие резултати се прилично импресивни, особено кога ќе се земе предвид фактот дека на научниците им е неверојатно тешко да ги следат овие промени.
Истражувањето е објавено во „Proceedings of the Royal Society A“.