Како што е опишано во „Current Biology“, откритието започнало со испитување на ДНК примероци од повеќе од 11 илјади луѓе, од кои многу имале историја на депресија, но биле вклучени и сосема здрави поединци за да може да се направи споредба. Првично, научниците барале ген поврзан со зголемениот ризик за депресија. Наместо тоа, тие забележале дека депресијата поврзана со стрес е во корелација со зголемувањето на износот на вториот геном во клетката – митохондријалната ДНК.
Митохондриите создаваат енергија за клетките да се развиваат. Зголемувањето на митохондријалната ДНК кај луѓето со депресија има интересни импликации. Кога клетките се под стрес, митохондриите се борат за да создадат доволно енергија, па телото мора да компензира и создава се повеќе и повеќе митохондрии за да остане во чекор со зголемената побарувачка на енергија.
Имајќи го ова во обѕир, научниците ги тестирале молекуларните промени кај глувци кои 4 недели биле подложени на стрес. Тие откриле дека глувците не само што покажале зголемување на нивната митохондријална ДНК, туку и нивните теломери биле помали во должина. Теломерите се мали капи на крајот на нишките на ДНК кои ги штитат хромозомите од деградација, а со тоа и од губење на генетските информации. Секој пат кога клетката прави сопствена копија, должината на заштитниот теломер се намалува се додека клетката повеќе не може да се дели.
Ерозијата на теломерите кај овие глувци покажува дека стресот може да го намали животниот век. Но, не е се така лошо. Истражувачите исто така откриле дека промените и кај теломерите и кај митохондријалната ДНК се реверзибилни. Кога глувците повеќе не биле под стрес, нивната ДНК се обновила.
Ова истражување има потенцијал за идни третмани на депресијата, со оглед на тоа дека промените на клеточно ниво се реверзибилни.
За откритието научниците велат дека на почетокот не им верувале на резултатите и гледале на нив со голем скептицизам и поради потребата од дополнителни убедливи докази ги направиле дополнителните тестови