Рушевините на древните градови секогаш го привлекувале вниманието на човекот. Според едни тие се потсетник на човековата бесмртност, додека за други можеби сведоштво за човековата кревкост.
Ви претставуваме десет градови од древните цивилизации кои може да ги посетите. Иако не изгледаат како во времето кога постоеле, дефинитивно може да прошетате низ урнатините и да впиете малку од мирисот на нивната некогашна слава.
1. Копан, Хондурас
Копан бил многу важен град на Маите. Тој бил главен град од 5-тиот до 9-тиот век. Иако бил обиколен со други цивилизации, тој го задржал скулптуралниот стил карактеристичен за низинските Маи. Градот се соочил со турбулентни времиња кога неговиот крал бил заробен и убиен од својот вазал. Иако Шпанците многу добро го познавале, градот бил прилично запоставен од нив, сѐ до 19-тиот век. Во 1980 година, УНЕСКО го прогласи градот за светско наследство. (извор)
2. Куелап, Перу
Тврдината Куелап се наоѓа на 3000 метри висока карпа и е опкружена со планинска екваторијална, односно тропска шума. Оваа тврдина, со нејзините 400 градби и масивниот ѕид, е тесно поврзана со Чачапоја културата. Народот Чачапојани меѓу Инките бил познат како „воини на облаците“. Тврдината била поштедена од грабежи од страна на Инките и била во подем сѐ до 16-тиот век. Со доаѓањето на шпанските освојувачи започнува и крајот на Куелап. Градот бил заборавен од цивилизацијата за да биде повторно откриен во 1843 година. (извор)
3. Каракол, Белизе
Каракол бил еден од најголемите политички центри на Маите во текот на класичниот период. Градот бил преполн со живот, а својот зенит го достигнал за време на шестиот век. Неговата слава почнала да опаѓа околу 950-тата година од н.е. Каракол можел да се пофали со пирамиди, кралски гробници, големи живеалишта и богата збирка од уметнички дела на Маите. Урнатините од Каракол биле повторно откриени од локалниот дрвосечач Роса Маи кој бил во потрага по махагони во 1937 година. Ова е најголем археолошки локалитет на Маите. Главниот храм со височина од 41,5 метри е највисокиот изграден објект. (извор)
4. Изгубениот град (Ciudad Perdida)
Овој град е сѐ уште делумно изгубен за човечката раса. „Ciudad Perdida“ е древен град откриен во Сиера Невада во Колумбија и датира од околу 800-та година и е постар дури и од Мачу Пикчу. Градот бил изграден од цивилизацијата Таирона и познат е уште како и Техуана и Буритака. Кога Шпанците го откриле градот го нарекле „Изгубениот град“ или „Ciudad Perdida“. Неговите тераси и плоштади биле повторно откриени во 1972 година, но археолошките експедиции започнале дури во 1976 година. (извор)
5. Ингапирка, Еквадор
Ингапирка, или „ѕидот на Инките“ е најпознатиот локалитет на Инките во Еквадор. Бил населен од народот Кањари, којшто Инките се обиделе да го поробат, но не успеале. Вториот обид за преземање на градот бил по „обиколен пат“, кога Тупак Инка Јупанки се оженил за принцезата на Кањарите и воспоставил мирољубив сојуз со заедницата. Ингапирка е познат по својот Храм на Сонцето изграден во стилот на Инките. Регионот нема голем туристички прилив и е релативно поштеден од модерните случувања. (извор)
6. Персеполис, Иран
Персеполис се наоѓа седумдесет километри североисточно од Шираз во Иран. Називот “Parsa” буквално значи „град на Персијците.” Градот претставувал церемонијален главен град на Ахеменидското царство. Го основал Дариј I во 518 п.н.е, а бил опустошен од војската на Александар Велики во 330 п.н.е.
Разрушениот град бил познат и како „Тронот на Џамшид“. Од 1979 година градот е под заштита на УНЕСКО. Крилатите бикови, фризовите и столбовите стојат како неми сведоци за некогаш славната престолнина. (извор)
7. Вилкабамба, Перу
Вилкабамба бил последниот бастион на Инките. Бил основан во 1539 година, а бил освоен од Шпанците во 1572 година, со што бил одбележен крајот на отпорот на Инките. Градот потоа бил разрушен и почнал да се нарекува „последниот град на Инките“. Вилкабамба е лоциран во џунглата по должината на брегот на реката Чонтабамба, на југот од Перу. Локалитетот бил повторно откриен од тројца браќа во1892 година. (извор)
8. Шиср, Оман
Атлантис од песок е легендарниот град од Арапската пустина, за кој се вели дека бил уништен од природна катастрофа или од Божја интервенција. Нарекуван е со различни имиња: Ирам, Убар и Вабар. Експертите се поделени околу идентитетот на градот, но откривањето на различни артефакти кои потекнуваат од Грција, Рим и Персија, укажува на тоа дека Убар бил главно пристаниште во античко време. Пустинскиот град бил откопан од тим од археолози предводени од Николас Клап, меѓу кои бил и истражувачот Сер Ранулф Фајнс. Локалитетот е ограден и заштитен, но можат да се организираат екскурзии од градот Салалах. (извор)
9. Коба, Мексико
Коба е антички град кој се наоѓа на полуостровот Јукатан во Мексико, на оддалеченост од околу 90 км. од Чичен Ица. Рушевините на Коба се многу популарни меѓу туристите. Градот бил основан некаде околу 0-та година и прераснал во влијателен град во текот на првиот милениум од новата ера. Со издигнувањето на Чичен Ица градот почнал полека да се намалува и бил целосно напуштен до пристигнувањето на Шпанците. Археолошките ископувања започнале во 1926 година, но поголемиот дел од рушевините на градот сѐ уште не се откриени. (извор)
10. Ел Тигре, Гватемала
Повеќето од посетителите на Гватемала се упатуваат кон Тикал. Само мал број одат посеверно до локалитетот Ел Мирадор, иако се работи за исто толку значаен локалитет со голем комплекс од пирамиди и жиеалишта, од кои поголемиот дел сѐ уште не се откопани, кои потекнуваат од прекласичната ера на Маите. Ел Мирадор за прв пат е откриен во 1926 година, но деталните ископувања започнале во 1978 година. Величествениот храм Ел Тигре нема многу посетители, а причина за тоа е неговата сместеност длабоко во џунглата каде нема пристапен пат и претставува предизвик само за најголемите авантуристи. (извор)
Преземено од „UNB Facts“.