Детектиран чуден звук од Карипското Море

Океанот е бучно место, но покрај регуларните звуци од морскиот живот и бродскиот сообраќај, научниците детектирале чуден, многу погласен звук кој доаѓа од Карипското Море.

Звукот е премногу низок за да може да се слушне со човечки уши, но е толку силен што може да се измери од вселената, преку осцилациите во гравитационото поле на Земјата.

Научниците го детектирале звукот додека го анализирале нивото на морето и притисокот во тој регион во текот на последниве 60 години, во обид да предвидат што би можело да се случи во иднина. Нивниот интерес за Карипското Море потекнува од фактот што тоа е неверојатно важен дел од глобалниот појас на циркулација, одговорен за формирање на струи кои влегуваат во Голфската струја. Ако сакаме да разбереме како климата ќе се смени во иднина, ни треба подобро разбирање на тоа како топлите и ладните води се движат низ планетата.

Затоа, научниците од Универзитетот во Ливерпул разгледувале четири различни модели на океанска активност за да ја одредат динамиката на океанот во тој регион. Набрзо, сфатиле дека нешто чудно се случува бидејќи нивните модели постојано покажувале осцилации на притисок над Карипското Море кои произведувале звук кој може да се опише како „свирка“.

https://www.youtube.com/watch?v=gj9pB0rI08w

Звукот го предизвикува голем бран, познат како Росби бран (Rossby wave) кој патува низ океанот на запад и се смета дека исчезнува кога ќе дојде до западниот дел Карипскиот залив, пред повторно да се појави 120 дена подоцна на источниот раб. Бранот исчезнал пред неколку години, а сега истражувачите откриле дека се’ уште реагира со морското дно, што предизвикува некаков вид на свиреж.

„Можеме да ја споредиме активноста на океанот во Карипското Море со активноста на едно свирче. Кога ќе дувнете во свирчето, млазот воздух станува нестабилен и го возбудува резонантниот звучен бран кој се наоѓа во празнината на свирчето. Бидејќи свирчето е отворено, звукот излегува надвор и може да се слушне“, објаснуваат научниците.

„Слично на ова, океанската струја која тече низ Карипското Море станува нестабилна и возбудува резонанца на прилично чуден вид на океански бран – Росби бран и бидејќи Карипското Море е отворено, се разменува вода со остатокот од океанот што ни овозможува да ја чуеме резонанцата со помош на мерење на гравитацијата. Бидејќи Карипското Море е многу поголемо од едно свирче, звукот е премногу низок за да можеме да го слушнеме“.

Научниците го нарекоа овој феномен Росби свирче и ги објавија резултатите во „Geophysical Research Letters“.

Ова е од особено значење за да се разбере како океаните од тој дел на светот би реагирале на климатските промени во иднина. Овој феномен може да го промени морското ниво за 10 см. по брегот на Колумбија и Венецуела, па неговото подобро разбирање би можело да помогне да се предвиди веројатноста за поплави. Научниците ќе продолжат со истражувања за подобро да разберат како влијае на динамиката на океанот.

Поддржете ја нашата работа: