Циклусот на спиење е променет кај средношколците. Додека детето во основно училиште може да заспие во 21:00 часот и се буди пред 07:00, адолесцентот во просек заспива во 23:00 часот и се буди во 08:00. И тоа би било одлично, доколку во мнозинството училишта во САД (86%), часовите не започнуват во 8:00.
Според американската Академија за педијатрија, aдолесцентите треба да спијат 8,5-9,5 часа секоја ноќ, па според тоа се препорачува училишниот час да започнува подоцна.
Јазот помеѓу оптималното и реалното време на спиење е поголем кај адолесцентите, во однос на која било друга старосна група. Родителите проценуваат дека нивните деца спијат помалку од 7 часа.
Раниот почеток на училишните часови нема медицинска и академска оправданост. Постојат здравствени ризици поврзани со изгубен сон – од зголемен ризик да заспиете додека возите, до дебелина и депресија. Со оглед на распоредот на спиење на адолесцентите, група педијатри сугерира дека идеално време за почеток на часовите е 09:00. Други истражувачи препорачуваат и подоцна. Со тоа би се намалиле сообраќајните несреќи и би се зголемил академскиот успех кај адолесцентите.
Всушност, многу одлуки во образованието и немаат многу врска со образованието, истакнуваат истражувачите кои апелираат за поместување на часовите.
Во нашата средина ситуацијата е идентична, дури и полоша. Нашите адолесценти ретко си легнуваат во 23:00. Часовите во просек започнуваат во 7:30. Ако на еден просечен адолесцент му е потребен половина час да се подготви и половина час да стигне до училиште, тој се буди во 6:30.
Да не зборуваме за тоа дека некои од нив живеат подалеку, дури и во друг град.
Која е добивката од заспани деца на предавање?
енаука.мк ( реобјавена статија )