До 2050 година во морињата ќе има повеќе пластика отколку риби!

Според новиот извештај од Светскиот економски форум (СЕФ), во следните 35 години количината на пластичен отпад ќе ја надмине количината на риби во океаните.

Во извештајот се наведува дека речиси една третина од произведената пластика останува во животната средина. Наголемиот дел завршува во океаните, каде веројатно ќе биде изедена од животинскиот свет или ќе создаде огромен пловечки објект од ѓубре.

Извештајот коинцидира со самитот на СЕФ што се одржува во Давос, Швајцарија, каде што организацијата ќе побара да се најде подобро решение за проблемот со пластиката.

СЕФ го направил овој извештај после анализата на околу 200 студии и интервјуа со повеќе од 180 експерти и ќе служи како водич за дискусија на самитот.  

Она што најмногу шокира е фактот што и покрај обидите да се намали употребата на пластичните ќеси – таа се зголемува.

160119113151-plastic-worlds-infographic-custom-1

Денеска се произведува 20 пати повеќе пластика отколку пред 50 години и тоа главно за пакување, а се очекува производството двојно да се зголеми во следните 20 години. 95 проценти од пластиката се фрла откако ќе се употреби само еднаш. И покрај тоа што 14 проценти од отпадот се рециклира, остатокот или завршува на депониите или е расфрлан во околината, пред на крај да заврши во океаните. Ова значи дека најмалку осум милиони тони пластика завршува во океаните секоја година.

Ако се продолжи со истото сценарио, до 2025 година се очекува да има еден тон пластика на секои три тони риба, а до 2050 да има повеќе пластика од риби.

Што треба да се стори околу овој проблем ќе биде и едно од прашањата со кои треба да се справи СЕФ. Но едно е сосема сигурно, пластиката е составен дел на толку голем број на индустрии, како и на секојдневниот живот, што не може да се смета на брзо решавање.

Останува да се надеваме дека најновиот извештај ќе биде доволно предупредување за да се преземе поширока акција.   

Поддржете ја нашата работа: