Доказ за постоењето на црната материја во Млечен Пат

Постоењето на црната материја во галаксиите е докажано уште од 1970-тите со помош на разни техники, вклучувајќи го мерењето на брзината на ротирање на гасот и ѕвездите, со што всушност „се мери“ масата на галаксијата. Веќе е познато дека црната материја постои во надворешниот дел на Млечниот Пат, но научниците досега не можеле да го докажат постоењето на црната материја во внатрешниот дел, каде што се наоѓа Сончевиот систем. Тоа се должи на тешкотијата да се измери ротацијата на гасот и ѕвездите со потребната прецизност, од нашата позиција во Млечниот Пат.

„Ова истражување, за прв пат, обезбедува директен доказ за присуството на црната материја. Ја направивме досега најкомплетната компилација на мерења на движењето на гасот и ѕвездите во Млечниот Пат и ја споредивме измерената брзина на ротирање со онаа очекуваната, под претпоставка дека само постои само светла материја во Галаксијата. Набљудуваната ротација не може да се објасни освен ако не постои црна материја околу нас и помеѓу нас и галактичкиот центар“, објаснува Мигел Пато од одделот за физика на Универзитетот во Стокхолм.

Истражувањето, обајвено во „Nature“, покажува дека големи количини на црна материја се наоѓаат околу нас, и помеѓу нас и галактичкиот центар. Овие резултати претставуваат значаен чекор напред во потрагата по природата на црната материја и ќе им овозможат на научниците подобро да ја разберат структурата и еволуцијата на нашата галаксија.

Поддржете ја нашата работа: