Докази за 40 милиони години војна со бактериите

Истражувањето, спроведено од истражувачите од Универзитетот во Јута, САД, е објавено во декемвриското издание на списанието „Science“.

За нутритивниот имунитет се знае веќе 40 години. Она што ова истражување ни го покажува е дека во текот на последните 40 милиони години од еволуцијата на приматите, битката за железото помеѓу приматите и бактериите била одлучувачки фактор за опстанокот на нашиот вид, велат истражувачите од Универзитетот во Јута.

Истражувањето, исто така овозможува да се оформи пристап до „резервите“ на генетската отпорност на бактериски инфекции – сознание кое може да помогне во борбата против појавата на болестите.

Добро познатите знаци на инфекција како кивањето, течењето на носот или воспалението, се дел од обидите на имуниот систем да го ослободи телото од напаѓачот. Помалку е познато постоењето на посебен одбранбен механизам против инвазивните микроорганизми, наречен нутритивен имунитет, кој тивко се одвива под нашата кожа. Овој одбранбен механизам ги „изгладнува“ инфективните бактерии со тоа што го крие од нив железото што се наоѓа во крвотокот, кое на бактериите им е потребно за да преживеат. Протеинот трансферин, што го пренесува железото во крвта, ги „сокрива“ трагите од металот од бактериите.

Сепак, ова понекогаш не е доволно за да ги задржи напаѓачите. Некои бактерии, меѓу кои и оние што предизвикуваат менингитис, гонореа и сепса, успеале да развијат оружје, односно протеин кој се врзува за трансферинот (TbpA) и го „краде“ железото од трансферинот.

Иако на научниците им е позната оваа офанзивна стратегија , досега не беше доволно јасно колку оваа битка за железото е значајна во борбата помеѓу домаќiнот и патогенот.

Истражувачите го реконструирале овој еволутивен конфликт преку документирање на тоа каде и кога се појавиле промените во трансферинот и во „TbpA“ во текот на милениумите. Тие ја испитувале ДНК од трансферинот кај 21 вид од приматите и од „TbpA“ од десетици бактериски видови. Откриле дека промените се случуваат главно во еден регион на контакт помеѓу двата протеина, што го означиле како место за конфликт помеѓу домаќинот и патогенот и го користеле како водич за понатамошните испитувања.

До 25% од човечката популација има мали измени на генот на трансферинот, со што не дозволува да биде препознаен од неколку патогени бактерии, што всушност претставува најнов знак за оваа долгогодишна борба.

„Ова е првото истражување кое дава функционално објаснување зошто овие варијации се појавуваат во значителна фрекфенција кај човечката популација. Сега знаеме дека тоа е последица на патогените со коишто се соочуваме ние и со коишто се соочувале нашите предци во текот на милиони години.
„Сознанијата за одбранбениот систем, вклучувајќи го и нутритивниот имунитет, може да претставуваат нов пристап во борбата против инфекциите отпорни на антибиотици и спречувањето на болестите“, нагласуваат истражувачите.  

Поддржете ја нашата работа: