Драматично зголемување на приносите од растенијата

 

Тимот предводен од професорот Захари Липман, во соработка со израелски колеги, откри збир на генски комбинации кои можат да го зголемат производството на домати за 100%. Бројните мутации ќе им овозможат на земјоделците да го зголемат приносот на доматите и потенцијално многу други растенија, вклучувајќи ги и основните посеви како сојата.

„Вообичаено, земјоделците се потпираат на природните генски комбинации за да се зголеми приносот, но добивките се ограничени” вели Липман. „Постои итна потреба да се најдат нови начини за производство на повеќе храна.”

На светско ниво, повеќе од 842 милиони луѓе не добиваат доволно храна. Со зголемувањето на глобалната популација, се очекува зголемување на цената на храната како и уште поголем глад.

Градбата на растенијата претставува рамнотежа помеѓу растот на стеблото, лисјата и плодовите. За производство на повеќе плодови, потребно е многу енергија која се произведува во листовите. Во доматите и сите други  растенија со плод , рамнотежата помеѓу вегетативниот раст и  плодот е контролирана од страна на пар спротивни хормони, наречени флориген и анти-флориген. Со мутација на флоригенот може  да се измени рамнотежата и да се зголеми приносот. Сега, за прв пат, е пронајдена оптималната рамнотежа. Ова  би го максимизирало производството на домати , без да се загрози енергијата од листовите потребна за поддршка на плодовите.

Овие резултати може да се применат и во другите земјоделски култури. Веќе е познато дека мутациите кои влијаат на флоригенот и анти-флоригенот играат важна улога во контролирањето на градбата на маслодајните растенија – репка и сончоглед. Сепак, тимот сака да се насочи кон критичните прехранбени култури, особено сојата, која е многу слична со доматите.

Поддржете ја нашата работа: