Доли, најпознатата овца на светот била клонирана на 5 јули 1996 година, во Шкотска и претставува првиот цицач клониран од соматска клетка на возрасно животно, односно возрасна овца.
Нејзиното доаѓање на овој свет било објавено на 22 февруари 1997 година од страна на Институтот Рослин во Единбург и ова извонредно научно достигнување веднаш предизвикало дебата во врска со можната примена на оваа техника кај луѓето.
Животот на Доли воопшто не бил лесен – таа прерано остарела, страдала од артритис и болест на белите дробови и била еутанизирана во 2003 година пред да наполни 7 години, а нејзините мошти се чуваат во Националниот музеј на Шкотска.
Денес, две децении по раѓањето на Доли, можеме да кажеме дека не се реализирани ниту надежите ниту стравовите во врска со клонирањето, па што тогаш е нејзиното наследство?
Можеби влијанието на нејзиното клонирање ги надмина очекувањата во однос на научните истражувања и клонирањата на животни, но клонирањето на луѓето се’ уште останува неизводливо, без никаква научна корист и со неприфатливо ниво на ризик, како што велат научниците.
Најважното наследство од Доли за луѓето е масивното зголемување на истражувањата на матичните клетки. Научниците ја усвоиле истата техника за репрограмирање на ќелиите за да создадат индуцирани плурипотентни клетки од клетките од кожата на возрасен човек. Исто како и матичните клетки извлечени од ембрионите во рана фаза, индуцираните плурипотентни клетки имаат потенцијал да се трансформираат во каков било вид на ткиво во телото, што ја зголемува можноста за етички одобрени терапии со матични клетки на индивидуални пациенти.
Клонирањето претставува сложена технологија, но во сточарството се смета како помошна техника за размножување на животните”, вели Жан-Луј Пејро, научник од францускиот Институт за агрономски истражувања.
Американските приватни компании клонираат животни за подобрување на генетската вредност, како на пример, крави кои даваат многу млеко. Американската администрација за храна и лекови во 2008 година одобри комерцијализација на производи од клонирани животни и нивните потомци, во која се наведува дека тие се “подеднакво безбедни како конвенционалните животни”.
И покрај слабиот успех (15-30 отсто) клонирањето продолжува во САД. Клонирањето на животни се практикува и во Аргентина, Бразил, Канада и Австралија, а Кина во 2015 година најави изградба на фабрики за клонирање на различни животни.
Јавноста во Европската унија остро се спротивставува на клонирањето, а од 1997 година ЕУ бара да биде понесено барање за одобрување на секое пласирање на клонирани производи на пазарот. Досега такво барање не е поднесено.
Сепак, техничкиот извештај на Европската комисија вели дека е “можно” храна од потомците на клонираните животни да дошла до чиниите на европските потрошувачи. Причината за ова е увозот на месо и млечни производи од трети земји и увоз на живи животни и животински генетски материјал за размножување во Европската унија.
“Европејците несомнено незнаејќи јадат месо што доаѓа од потомството на клонови во отсуство на сеопфатно етикетирање од почетокот на процесот на производство”, вели Полин Константа, портпаролка на Европската канцеларија за здруженија на потрошувачи, која ја повикува Европската комисија да преземе поголеми мерки за да се контролира сето ова.
Европската управа за безбедност на храната вели дека не е загрижена за здравјето на луѓето и повеќе предупредува за “маките на животните” кои настанале со клонирање, односно висок морталитет на ембрионите, сериозни дефекти и тешки болести, тешко размножување и слично.
Европскиот парламент побара во забраната на ЕУ да не стои само клонирани животни, туку да се дополни и производи добиени од нивните потомци. Извештаите од експертите велат дека веројатно означувањето на прехранбените производи добиени од клонирани животни е многу скапо, а ова особено се однесува на свинското месо.
Европската канцеларија за здруженија на потрошувачи се залага за ваква мерка и истакнува дека “потрошувачите имаат право да знаат што ставаат во чинијата.”