Научниците откриле планета со четири матични ѕвезди. Планетата била позната од порано, но се мислело дека има три, а не четири ѕвезди.
Ова е втор досега откриен случај на четири-ѕвезден систем, што укажува на тоа дека овие ѕвездени системи не се толку ретки како што се мислеше порано. Всушност, неодамнешното истражување покажало дека овој тип на ѕвездени системи – кои обично се состојат од два пара од ѕвезди близначки што споро кружат една околу друга на голема оддалеченост – се многу почести. Првата планета со „четири сонца“ – “KIC 4862625“ – била откриена во 2013 г. од граѓани научници од јавните податоците од мисијата Кеплер на НАСА.
Новооткриениот четири-ѕвезден систем, наречен „30 Ari“, се наоѓа на оддалеченост од 136 светлосни години, во соѕвездието Овен. Гасовитата планета во овој систем е огромна, околу 10 пати поголема од масата на Јупитер и орбитира околу својата примарна ѕвезда за 335 дена. Примарната ѕвезда, релативно блиску има ѕвезда -партнер околу која планетата не орбитира. Овој пар е сврзан преку долга орбита со друг пар од ѕвезди оддалечени околу 1670 астрономски единици (една астрономска единица е просечното растојанието помеѓу Земјата и Сонцето). Астрономите сметаат дека е мала веројатноста на овие планети или на месечините што можеби кружат околу нив да има услови за живот.
Последниве години откриени се десетици планети со две или три матични ѕвезди. Откривањето планети со повеќе матични ѕвезди и не е толку големо големо изненадување со оглед на тоа дека бинарните системи се почести во нашата галаксија од единечните.
„Ѕвездените системи можат да имат неброено многу форми. Можат да бидат со една ѕвезда, бинарни, со три, четири, па дури и со пет ѕвезди“ – вели Луис Робертс од НАСА – водач на истражувањето што беше објавено во „Astronomical Journal“.
„Начинот како природата ги составува работите е зачудувачки“- додава Робертс. Робертс и неговите колеги ги истражувале ефектите што системите со повеќе матични ѕвезди ги имаат врз развојот на нивните планети. Доказите покажале дека планетите придружници можат да влијаат на судбината на планетите преку промена на нивната орбитата, па дури и да ги поттикнат да „пораснат“ помасивни. На пример –„жешките Јупитери“ – планети околу масата на Јупитер кои „пролетуваат“ многу блиску околу своите ѕвезди за само неколку дена, можат да бидат нежно „поттурнати“ поблиску до нивните примарни матични ѕвезди со помош на гравитацијата од ѕвездениот придружник.
Истражувањето е направено со помош на автоматизираниот систем „Robo-АО“ на опсерваторијата Паломар во Сан Диего, со помош на кој е откриен четири-ѕвездениот систем „30 Ari“ и три-ѕвездениот систем „HD 2638“. Наодите биле потврдени со системите „PALM-3000“ со висок резолуција.