Едноставен тест на урина за разликување на биполарно растројство од депресија

Не постојат анализи на крвта и урината кои ќе покажат кој страда од ментална болест, ниту рентген снимки или магнетна резонанца што веднаш ќе алармираат дека нешто не функционира како што треба. Можно е да се идентификуваат некои невролошки маркери кои може да укажат на одредени заболувања, но генерално, дијагностицирањето на менталните болести се врши преку разговор со пациентот и негова проценка. Докторот ја заснова неговата дијагноза од емоционалните симптоми, исказите за социјалните и функционалните проблеми од пациентот и врз основа на сопствената опсервација за ставовите и однесувањето на пациентот.

Дијагностицирањето дополнително го отежнува и тоа што многу ментални болести имаат слична симптоматологија со мал број суптилни разлики меѓу нив. Добар пример за ова претставува биполарното растројство, што многу често погрешно се дијагностицира како клиничка депресија. Постојат повеќе причини зашто се прави ваква грешка, а една од нив е и тоа што биполарното растројство прв пат станува забележливо кога пациентот ќе се соочи со напад на депресија. Ова го тера пациентот да побара помош, а описот на симптомите често го наведува докторот да верува дека депресивните симптоми се единствените симптоми што пациентот ги има. Од биполарно растројство страда само околу еден процент од населението во светот, па често пати докторите забораваат да го прашаат пациентот за хипоманичната состојба, кога пациентот е хиперактивен, еуфоричен – што претставува спротивна состојба од депресивната кај биполарните пациенти.

Ваквиот превид доведува до тоа пациентот да биде погрешно дијагностициран, што претставува проблем, бидејќи точната дијагноза е клучна за да може пациентот да ја добие потребната терапија. За да ги избегнат ваквите проблеми, истражувачите се обиделе да откријат пообјективен начин со кој ќе ги идентификуваат разликите помеѓу биполарното растројство и клиничката депресија и се чини дека успеале во тоа.

Истражувачите зеле примероци од урина од пациенти со точно поставена дијагноза за биполарно растројство или клиничка депресија. За да ги испитаат метаболитите во овие примероци, комбинирале две аналитички техники, со надеж дека ќе откријат некои биолошки маркери преку кои би можеле да ги разликуваат двете групи на пациенти. Со помош на анализите, истражувачите направиле листа од биомаркери за секој од пациентите и откриле 20 различни метаболити преку кои може да се разликуваат пациентите со биполарно растројство и клиничка депресија. Пациентите со биполарно растројство имале повисоки нивоа на овие метаболити, а 14 од нив биле „значително изменети“.

Истражувачите истакнуваат дека нивната студија има одредени ограничувања, меѓу кои и малиот број на субјекти и фактот дека сите што учествувале во истражувањето доаѓале од иста болница. Тие сугерираат и дека во идните истражувања во оваа насока, би требало да се земат и други видови примероци, како цереброспинална течност и плазма, за да се потврди дека истите биомаркери се покачени кај пациентите со биполарно растројство.

Истражувањето е објавено во „Journal of Proteome“.



Поддржете ја нашата работа: