Експертите бараат забрана за генетско дизајнирање на бебиња

Водечките експерти и етичари повикаа на мораториум на генетскиот инженеринг на човечки полови клетки или ембриони чија цел е раѓање на генетски модифицирани бебиња, откако кинескиот лекар минатата година го објави раѓањето на ГМО близнаците.

Кинескиот генетичар Хе Јиакуи велеше дека неговите близначки кои се генетски модифицирани можат да бидат отпорни на ХИВ вирусот и дека не станува збор за таканаречените дизајнирани бебиња со одредена боја на очи или висок коефициент на интелигенција, но неговата објава предизвика осуда низ целиот свет.

Научниците и етичарите сакаат мораториум на манипулацијата со човечки јајце клетки, сперма или ембриони, бидејќи тоа би можело “да има трајни и можни негативни ефекти врз човечкиот род”.

Глобален мораториум ќе биде воспоставен сè додека земјите не развијат меѓународни принципи со кои ќе се утврди како технологијата ќе се користи, пишува во една статија во списанието Nature.

Френсис Колинс, директор на американскиот Национален институт за здравство, во писмото до списанието пишува дека “NIH цврсто се залага” за забраната и практиката што треба веднаш да стапи на сила сè додека земјите не се придржуваат до меѓународните принципи кои ќе одредат “дали и под кои услови ќе се продолжи ова истражување”.

Некои научници сметаат дека повикот за забрана е непотребен бидејќи нема да го спречи тајното работење на експерти како што е генетичарот Хе Јианкуи, кој наводно не ги почитувал научните кодекси.

Хелен О’Нил, директор на програмата за репродуктивна наука и женско здравје на лондонскиот универзитет, смета дека предлогот го занемарува фактот дека веќе постои забрана.

“Правни и етички мерки постојат во Кина и она што Хе го направи не е затоа што законот му дозволи, туку тој го прекрши законот”, вели О’Нил.

Поддржете ја нашата работа: