Понекогаш, кога една масивна ѕвезда ќе дојде до крајот на својот живот, нејзиното јадро колабира и предизвикува експлозија која може да го осветли целото небо.
Ако оваа експлозија се случи во близина на нашата планета, може да не бомбардира со високо-енергетско зрачење (радијација).
Едно ново истражување, објавено во „The Astrophysical Journal Letters“ ги истражува ефектите од две такви ѕвезди кои експлодирале пред некаде помеѓу 1,7 и 3,2 милиони години и 6,5 и 8,7 милиони години.
Научниците користеле компјутерски модели за да го следат зрачењето низ атмосферата на Земјата, за да ги откријат ефектите, како и да откријат колку од таа радијација достигнува до земјата. Тоа што го откриле е изненадувачко.
Капење во космичко зрачење
Според нивните модели, најпрвин експлозиите би предизвикале сина светлина на ноќното небото „доволна за да го наруши спиењето на животните во следните неколку недели“, велат истражувачите од Универзитетот во Канзас за медиумите.
Потоа, експлозијата би ја изложила нашата атмосфера и природа на „долготрајно космичко зрачење“. За стотици до илјадници години ова зрачење би се зголемувало.
Ова зголемување на зрачењето би имало значително влијание врз Земјината атмосфера, флора и фауна, предизвикувајќи 20 пати поголема радијација од космичките честички на површината на Земјата.
Ова зголемено зрачење би било доволно високо за да може да се зголеми стапката на мутации и зачестеноста на ракот, како и можно забрзување на еволуцијата.
Ера на молња
Како што зрачењето би навлегувало во Земјата, така атмосферата би се јонизирала, атомите и молекулите би се распарчиле, така што електроните би останале да се движат наоколу, слично како гас во флуоресцентни цевки.
Ова лесно би спроведувало електрична енергија, па научниците мислат дека постои добра шанса за стапката на молњите да се зголемила во текот на неколку стотици до неколку илјади години поради космичките зрачења кои ја погодувале Земјата.
Ова би можело да предизвика повеќе пожари и во целост да ја промени климата на нашата планета. Всушност, едната поскорешна експлозија се совпаѓа со масовни истребувања од пред околу 2,59 милиони години.
„Имаше климатски промени во тоа време“, вели Адријан Мелот професор по физика на Универзитетот во Канзас и ко-автор на новото истражување
„Африка се исуши и многу шуми се претворија во савани. Во тоа време и потоа, почна глацијацијата – ледено доба – одново и одново, и се’ уште не е јасно зошто се случи тоа. Контроверзно е, но можеби космичките зрачења имаат влијание.“
Што е следно?
Следниот чекор за научниците е да ги разгледаат геолошките податоци во времето на поновите експлозии и да видат дали преовладуваат повеќе пожари и мутации.
За време на истражувањето, научниците верувале дека двете експлозии се слуучиле на оддалеченост од околу 300 светлосни години од нас, но новите резултати укажуваат на тоа дека една од екплозиите се случила на половина од тоа растојание. Научниците исто така планираат да ги повторат нивните модели со пократко растојание. Очекуваат дека ефектите ќе бидат уште поголеми.
Иако овие експлозии можеби го промениле животот на Земјата во тоа време, ние не треба премногу да се грижиме за нивните ефекти врз нас.
„Ова не е нешто за коешто луѓето би требало да се грижат во блиска иднина“, вели Мелот. „Настаните како овој се повторуваат на многу долги периоди од милони години.“