Електронските уреди и децата

Хронично раздразливите деца стануваат нервозни и исцрпени. Бидејќи хронично високото ниво на раздразливост влијае на меморијата и способноста за поврзување, овие деца често пати имаат потешкотии во школувањето и во општеството.

Во одреден момент, децата со вакви симтоми се дијагностицираат со некои од менталните нарушувања како клиничка депресија, биполарно растројство или хиперактивно однесување и добиваат соодветна терапија. Но често, третманите не даваат добри резултати и состојбата продолжува да се влошува.

Што се случува?

И родителите и докторите често пати прават погрешен чекор. Тие се обидуваат да третираат нешто што изгледа како класичен пример за ментално нарушување, а при тоа ја исклучуваат една од најчестите причини за овие симптоми – секојдневната употреба на електронските уреди.

Затоа, уште еднаш мора да се потенцира дека успешно лекување на дете со нарушување во однесувањето во денешно време подразбира потполно елиминирање на користењето на сите електронските уреди во период од неколку недели. Ако се спроведе правилно, оваа интервенција ќе им овозможи на децата подобар сон, повесело расположение, зголемена физичка активност и подобра фокусираност. Детето почнува да ужива во работите како порано, повеќе е свртено кон природата и креативните игри.

Во исто време, откажувањето од електронските уреди ја намалува или ја елиминира потребата од лекарства. После ова, кога мозокот ќе се „ресетира“, родителите можат внимателно да одредат колку и дали воопшто некој електронски уред може детето да го користи без да се повратат симптомите.

Но, зошто редукцијата на употребата на електронските уреди е толку ефикасна? Бидејќи ги обновува поголемиот дел од нарушените физиолошки функции кои се предизвикани од секојдневнато користење на овие уреди.

Мозокот кај децата е многу посензитивен на електронските уреди, отколку што најчесто се мисли. Всушност, не е потребна голема електронска стимулација за да се „исфрли од колосек“ чувствителниот и сѐ уште во развој детски мозок. Исто така, многу родители погрешно веруваат дека интерактивното користење, како интернетот, социјалните медиуми, електронската пошта и игрите не се толку штетни, особено во споредба со пасивното гледање телевизија. Но всушност, поверојатно е дека интерактивното користење на овие уреди ќе предизвика проблеми со сонот и расположението, како и когнитивни проблеми.

 


Еве шест начини преку кои електронските уреди имаат тенденција да предизвикуваат промени во расположението

1. Екраните од електронските уреди го реметат сонот и го десинхронизираат биолошкиот часовник

Бидејќи светлината од екраните на електронските уреди ја имитира дневната светлина, доаѓа до потиснување на мелатонинот, или „сигналот за спиење“  кој се продуцира во темница. Само неколку минутна изложеност на светлината од екраните може да го одложи излачувањето на мелатонинот и за неколку часа и да го десинхронизира биолошкиот часовник. Нарушувањето на биолошкиот часовник предизвикува разни пореметувања, меѓу кои и хормонални. Покрај тоа, оневозможен е длабокот сон кој му е потребен на телото за да се регенерира.

2. Настанува десензибилизација на системот за задоволство во мозокот

Многу деца се „навлечени“ на електронските уреди, бидејќи за време на игрите се ослободува толку многу допамин или „сигналот за среќа“ во мозокот, што кога се скенира, мозокот изгледа како да е на кокаин. Но, со време овие патишта стануваат помалку осетливи и потребна е поголема стимулација за да се доживее задоволство. Покрај тоа, допаминот е од суштинска важност за мотивацијата и можноста за фокусирање, па затоа и мали промени во осетливоста на допамин ќе предизвикаат хаос во чувствата и однесувањето на детето.

3. Светлото од екраните создава „ден во ноќта“

Многу истражувања покажале дека изложеноста на светлото од екраните во текот на ноќта се поврзува со појава на депресија, па дури и со ризик од самоубиство. Понекогаш родителите не сакаат да ги отстранат електронските уреди од спалните соби на децата, плашејќи се дека децата ќе се чувствуваат разочарани – но всушност тоа претставува  заштита за децата.

4. Времето пред екраните на електронските уреди предизвикува стресни реакции

И акутните стресни состојби (или „fight-or-flight“ состојби) и хроничниот стрес предивикуваат промени во хемиските супстанции во мозокот и хормоните кои можат да ја зголемат раздразливоста. Кортизолот, хормонот на стрес, во исто време е причина и последица на депресија, создавајќи на тој начин маѓепсан круг.

5. Времето поминато пред екраните го преоптеретува сензорниот систем, го нарушува вниманието и ги осиромашува ментаните резерви

Експертите велат дека причината за експлозивното и агресивно однесување лежи во намалената способност за концентрација. Кога настанува пореметување во вниманието, страда и спсобноста нормално да се процесираат барањата од околината, па така и малите барања стануваат голем проблем. Со намалувањето на менталната енергија заради зголемениот внес на визуелни и когнитивни информации, се намалуваат и менталните резерви. Еден од начините привремено да се поттикнат исцрпените резерви е да се стане гневен што всушност станува механизам за справување.

6. Со времето поминато пред електронските уреди се скратува физичката активност и времето поминато во природа

Истражувањата покажуваат дека времето поминато на отворено, особено во интеракција со природата, ја обновува способноста за концентрација и ги намалува стресот и агресивноста, па оттука, времето поминато со електронските уреди значи и помалку време поминато со природните „засилувачи“ на расположението.


Да им се забрани употребата на електронските уреди на децата во денешно време може се чини како драстична мерка. Но, ако тоа претставува оптеретување за децата, не им правиме никаква услуга со тоа што ќе ги дозволиме уредите, со надеж дека тие ќе ги користат „умерено“. Тоа едноставно не функционира. Спротивно на тоа, строгата забрана на користење на овие уреди, што ќе му овозможи на нервниот систем да се врати во поприродна состојба, ќе биде првиот чекор што ќе му помогне на детето да стане посмирено, посилно и посреќно.

Автор на текстот е д-р. Викторија Л. Данкли, автор на книгата „Ресетирајте го мозокот на вашето дете: Четири неделен план за искоренување на промените во расположението, зголемување на оценките и социјалните вештини преку анулирање на ефектите од времето поминато пред електронските уреди“ (Reset Your Child’s Brain: A Four-Week Plan to End Meltdowns, Raise Grades, and Boost Social Skills by Reversing the Effects of Electronic Screen-Time).

Поддржете ја нашата работа: