Емпатијата зависи од мозокот

Едно истражување покажа дека oдредени видови на емпатија може да се предвидат врз основа на физички разлики во мозокот. Ова поттикнува фасцинантна можност некои видови на емпатија да се зголемат со обука или пак да се намалат со текот на времето.

Тим на научници од Универзитетот Монаш, откриле дека луѓето кои имаат „афективна” емпатија, односно силен емоционален одговор на туѓите чувства и мисли, имаат погуста сива материја во одреден регион од мозокот, во споредба со оние кои имаат „когнитивна” емпатија, односно луѓе кои имаат повеќе логичен одговор на туѓата емоционална состојба.

„Луѓето со високо афективна емпатија често се оние кои се плашат додека гледаат хорор филм, или плачат за време на тажна сцена”, објаснува Роберт Ерес, кој е ко-автор на студијата. „Оние кои имаат висока когнитивна емпатија се повеќе рационални, на пример клинички психолог кој ги советува клиентите”.

Истражувачите анализирале 176 луѓе со помош на една техника за невровизуелизација која се користи за анализа на густината на сивата материја. Тимот сакал на овој начин да провери дали е можно да се предвидат резултатите на скалата за емпатија.

Тие откриле дека оние кои имале високо афективна емпатија, имале погуста сива материја во регионот наречен инсуларен кортекс, лоциран во центарот на мозокот. Спротивно на тоа, луѓето кои постигнале висок резултат за когнитивна емпатија имале погуста сива материја во цингуларниот кортекс, регионот над врската меѓу двете хемисфери.

„Земени заедно, овие резултати обезбедуваат потврда дека емпатијата е мулти-компонента. Емоционалната и когнитивната емпатија се различно застапени во мозочната морфометрија”, тврдат истражувачите во нивниот текст, објавен во списанието „NeuroImage“. Покрај тоа, авторите велат дека ова може да обезбеди докази дека емпатијата е претставена од страна на различни структури и мозочни клетки.

Откритието дека емпатијата е поврзана со разликите во физиологијата на мозокот го покренува прашањето за тоа дали промените во овие региони го менуваат капацитетот за разбирање на другите. Исто така, доколку овие региони не се активираат редовно, може да ја загубиме емпатијата.

„Во иднина сакаме да ги испитаме причинско-последичните односи преку тестирање на тоа дали обуката со задачи поврзани со емпатија може да доведе до промени во овие мозочни структури и дали оштетувањето на овие мозочни структури, како резултат на мозочен удар, на пример, може да доведе до оштетување на емпатијата”, вели Eрес.

НАУКА ЗА СИТЕ

ЕНаука — поддржана од читателите

Вашата поддршка ни помага да споделуваме наука на македонски.

ОБЈАВЕНИ НАСЛОВИ9,232од 2014 година
ВКУПНО ПРИМЕНО≈ 3,952 ден.

Поддржете ја ЕНаука

Изберете ја соодветната мрежа и копирајте ја адресата.

BTC15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6
DOGEDNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm
ETH0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c
SOLE7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt

Ви благодариме што ја поддржувате науката на македонски.