Ентомолозите откриле чудно однесување кај мравките

Како и вистинските војници, припадниците на мравките од суб-сахарска Африка влегуваат во борба, а потоа своите ранети другари ги носат во мравјалник на закрепнување.

“Тоа не го прават поради алтруизмот”, вели Ерик Френк ентомолог кој ја предводел групата на научници кои на Брегот на Слоновата Коска го проучувале однесувањето на видот мравки, Megaponera analis, кои се хранат со термити.

“Тие не им помагаат на другите мравки затоа што имаат чувства едни кон други. Тоа го прават бидејќи е корисно за колонијата. Повредените мравки после закрепнувањето се враќаат во борба и стануваат функционални членови на колонијата”, објаснува тој.

Тие мрави можат да нараснат до 2 см. височина, и се нарекуваат специјалци за лов на термити, а се служат со препознатлива стратегија.

Извидниците го напуштаат мравјалникот и тргнуваат во потрага по термити. Откако ќе пронајдат термити се враќаат по групата, неколку стотици мравки и формираат борбена група. Мравките кои се повредени во таквата битка лачат феромони, што е знак дека им е потребна помош.

Мравките кои не се повредени, тогаш ги носат повредените заедно со мртвите до мравјалникот. Мравките кои во борбата со термити изгубат една или две, од своите шест нозе, се здрави само после 24 часа, и делуваат целосно функционално. Полесно повредените, почнуваат да одат после само еден час.

Френк вели, дека бил доста изненаден од таквото однесување кај безрбетниците. “На прв поглед, тоа ми беше нелогично. Но, подоцна сфативме дека доброто за поединецот, е добро за колонијата. Секој поединец го сметаат за вреден “, вели тој.

Таквото спасување на припадникот на својот вид, често се случува кај приматите и другите видови цицачи, како слоновите, делфините и глувците.

Поддржете ја нашата работа: