Естонија, земјата што предничи во технолошките иновации, работи на формирање на база на податоци со генски записи за повеќе од 150.000 свои сограѓани, односно повеќе од 10% од населението, со цел да ја подобри превенцијата на хрoничните заболувања.
Научниците на Националниот центар за геноми (наука која се занимава со изучување на структурата и организацијата на геномот), имаат намера да ги регистрираат гените на 11,7% од вкупно 1,3 милион жители на Естонија.
Проектот e започнат на почетокот од оваа година со буџет од 5 милиони евра во знак на одбележување на стогодишнината од државноста. Проектот исто така ќе овозможи воспоставување на генски карти со лични анализи на генотипот за сто илјади волонтери.
„Колку повеќе собереме генски податоци, ќе бидеме попрецизни во натамошните истражувања и побрзо ќе можеме да ги откриеме генските варијации што се поврзани со заболувањата“, вели Анели Аник, портпарол на геномскиот центар.
Во оваа база на податоци ќе бидат вклучени и генските податоци на повеќе од 52.000 Естонци што се собрани од создавањето на центарот во 2001 година. Волонтерите можат да ги остават своите ДНК-примероци во болниците или приватните лаборатории на „Синлаб“, кој е партнер на проектот.
На волонтерите им е кажано дека лабораторијата нема право да ги користи нивните генски податоци за проверка на нивните семејни врски, затоа што истото значи повреда на приватноста на други лица.