Фантастични родители – депресивни деца

Современото општество е опседнато со среќа и главна цел на родителите е нивните деца да бидат среќни. Меѓутоа родителите не се свесни дека колку повеќе им удоволуваат на своите деца во секој поглед и прават се за нив, па дури и премногу, толку поголема е веројатноста децата да не бидат среќни кога ќе пораснат.

Се повеќе 20/30 годишни посетуваат психолог или психијатар бидејќи патат од депресија и анксиозност и имаат потешкотии да се посветат на каква било цел или кариера. Овие луѓе имаат „прекрасни“ родители, извонредно образование, супер работа и супер стан, сите околу нив ги разбираат и поддржуваат, а тие едноставно не се среќни. Тоа ги навело психолозите да се запрашаат зошто е тоа така и дали можеби се поттекнува од родителите? Колку навистина тие родители се „фантастични“ и колку лесно можат да го упропастат своето дете?!

Лори Готлиб, терапевт и психолог, заедно со својот тим, спровела истражувањето на две групи на деца кои требало да нацртаат нешто. Едната група имала избор од 3 фломастери, а другата 24. Цртежите на децата кои имале поголем избор на фломастери биле полоши, бидејќи наместо да се фокусираат на цртањето, децата се фокусирале на изборот на боја. Поентата е дека децата се чувствуваат посигурни кога имаат помал избор, бидејќи полесно можат да се посветат на одредени работи, а да не мислат на други, што всушност претставува вештина која ќе им биде потребна понатаму во животот.

Родителите би направиле се за своите деца, па често знаат и да претераат со своите добри намери. „Фантастичните“ родителите кои секоја вечер им помагаат на децата со домашните задачи, трчаат на училиште секогаш кога ќе се појави некој силеџија, им плаќаат приватни часови по што било, па потоа им дозволуваат да се отпишат кога нема да им оди и сл. постигнуваат обратен ефект кај своето дете. Децата без „болни“ искуства на некаков неуспех, некаква непријатност или напор не можат да развијат т.н. психолошки имунитет и се соочуваат со потешкотии кога ќе пораснат.

„Она што почнува како здрава самодоверба набрзо прераснува во нереална слика за себе и нарцизам. А со нарцисоидната самодоверба расте и депресијата и анксиозноста. Нарцисите се среќни кога се млади бидејќи се чувствуваат како да се „центарот на универзумот“. Родителите изиграваат нивни слуги и им ги исполнуваат сите желби, постојано зборувајќи им колку се тие талентирани и посебни, се додека на крајот самите не поверуваат дека се подобри од останатите. Кога ќе пораснат се јавува проблем. Тие не се во состојба да соработуваат со другите или да бидат ограничени во некој поглед, и не прифаќаат „не“ како одговор“, истакнуваат психолозите.

Родителите секојдневно им даваат огромен избор на децата, при што тие не само што стануваат разгалени, туку и на некој начин парализирани.

Не велиме дека не треба да им удоволувате на вашите деца, меѓутоа бидете внимателни, тие сепак треба да станат самостојни и да бидат среќни кога ќе пораснат!

Поддржете ја нашата работа: