Американската администрација за храна и лекови (ФДА) ги забрани антибактериските сапуни бидејќи тие не се подобри, почисти или побезбедни од обичните сапуни.
„Потрошувачите можеби мислат дека антибактериските средства се многу поефикасни во спречувањето на ширењето на бактериите, но ние немаме научни докази дека тие се подобри отколку обичниот сапун и вода. Всушност некои податоци укажуваат на тоа дека може да направат повеќе штета отколку добро во текот на подолг период“ – изјавува Џенет Вудкок, директор на Центарот на ФДА за проценка и истражување на лекови, во соопштенитето на агенцијата.
Оваа забрана се однесува на производи со 19 активни состојки, вклучувајќи ги триклосанот и триклокарбонот – два широко употребувани агенси.
Едно истражување објавено во списанието за Антимикробна хемотерапија во септември 2015 г. направило споредба помеѓу сапуни кои содржеле триклосан и обични сапуни, во лабораториски тестови и на рацете на луѓето.
Истражувачите ги изложиле луѓето на еден вид честа бактерија која може да влијае кај оние со ослабен имунолошки систем, па потоа тие ги измиле рацете со триклосан и со обичен сапун. Притоа, не е откриена никаква разлика помеѓу овие два сапуни.
Во лабораториски тестови, истражувачите исто така изложиле 20 различни видови на бактерии на сапун кој содржел триклосан за да видат дали можат да направат некаква штета. Откриле дека биле потребни 9 часа за да се покажат антибактериските ефекти, што е многу подолго отколку 20-те секунди, што ги препорачуваат Американските центри за контрола и превенција на болести, за да се измијат рацете.
И повеќе други истражувања покажале дека миењето на раце со антибактериски сапуни не ги отстранува бактериите или ги спречува болестите повеќе отколку миењето со обичен сапун. Тие едноставно само работат на различен начин. Додека обичните сапуни механички ги отстрануваат бактериите од нашите раце, антибактериските содржат хемикалии кои ги убиваат бактериите или го спречуваат нивниот раст.
Американската администрација за храна и лекови прв пат го регистрирала триклосанот во 1969 г. и оттогаш оваа хемија е додавана во премногу сапуни, козметики и производи за чистење. Истражувањата покажуваат дека не само што претставува подеднакво ефикасна замена за обичните сапуни, туку всушност може и да е полоша.
Триклосанот може да ја зголеми бактериската отпорност на антибиотици, влијае на регулирање на хормоните кај животните и ги убива алгите. Застапен е во толку многу производи што истражувањето покажува дека со миењето преминува во канализациите и се натрупува во езерата и потоците. Тоа е дел од она што предизвика Минесота да стане првата држава која ја забрани оваа состојка во 2014-тата година.
Иако се потребни повеќе истражувања за да се утврди безбедноста на триклосанот во мали количини, истражувањата досега покажале дека не постојат предности.
Сега, откако ФДА го забрани триклосанот и сличните антибактериски состојки, се надеваме дека хемикалиите ќе престанат да се натрупуваат во животната средина.
Оваа статија е првично објавена во „Business Insider“.