Како елемент што сочинува 75% од целата маса во Универзумот и повеќе од 90% од сите атоми, ние сме прилично добро запознаени со водородот.
Но, овој наједноставен и најзастапен елемент во Универзумот се’ уште има некои трикови во ракавот, бидејќи физичарите создадоа досега невидена форма – негативно наелектризирани водородни кластери.
За да ги разбереме негативно наелектризираните водородни кластери, прво да ги објасниме нивните многу почести колеги – позитивно наелектризираните водородни кластери.
Позитивно наелектризираните водородни кластери се формираат на многу ниски температури и може да содржат до 100 поединечни атоми. Нивното постоење е потврдено пред околу 40 години.
За разлика од нив, постоењето на негативните било долго теоретизирано, но никој досега не можел да открие како да ги создаде.
Сега, тим на физичари, предводени од Мајкл Рензлер од Универзитетот во Инсбрук во Австрија се обиделе и успеале.
Најпрво тие инјектирале течни хелиум капки со водородни (H2) молекули. Оваа мешавина формирала кластери со неутрален полнеж. Потоа ги изложиле капките на зрак од електрони што предизвикало некои од водородните молекули да се јонизираат и да се исфрлат во околниот вакуум како негативно наелектризирани водородни јони.
Наскоро, околните водородни молекули започнале да се групираат околу овие негативно наелектризирани јони и истражувачите откриле дека овие ново формирани групи може да содржат многу молекули.
Иако овие негативно наелектризирани водородни кластери постоеле само еден неверојатно краток миг, односно неколку микросекунди (а 1 микросекунда е еднаква на 0,000001 секунди), тоа било доволно за научниците да ја утврдат нивната геометриска структура.
Зошто е ова важно?
Со години, научниците се сомневаат дека овие големи водородни групи би можеле да се формираат природно во вселената, во ладните густи облаци или во атмосферите на гасните планети.
Сега, кога знаеме дека негативно наелектризираните водородни кластери не се невозможни, полесно е да се идентификуваат во природата. А во време кога научниците се сомневаат во постоењето на црната материја која хипотетички сочинува 27% од видливиот Универзум, потребна ни е сета помош која може да ја добиеме кога станува збор за дешифрирање на најмалите составни делови на просторот околу нас.
Истражувањето е објавено во „Physical Review Letters“.