Формирање на ѕвезди во мртви галаксии

Таквите галаксии, кои често се нарекуваат сфероиди поради својата форма, имале десет пати повеќе ѕвезди во својот центар, отколку нашата галаксија – Млечен Пат, и околу десет пати поголема маса.

Астрономите ги нарекуваат овие галаксии црвени и мртви бидејќи тие изобилуваат со антички црвени ѕвезди, но немаат млади сини ѕвезди и не покажуваат знаци на формирање на нови ѕвезди. Проценката на староста на црвените ѕвезди укажува на тоа дека галаксиите престанале да формираат нови ѕвезди пред околу 10 милијарди години. Ова престанување започнало токму во периодот кога се формирале најмногу ѕвезди во Универзумот, кога галаксиите формирале ѕвезди 20 пати побрзо отколку во денешно време.

„Големите мртви сфероиди содржат околу половина од сите ѕвезди што се формирале во Универзумот во текот на целиот живот“, вели главниот автор на истражувањето, Сандро Такела. „Не можеме да тврдиме дека знаеме како еволуирал Универзумот и станал она што е денес, освен ако не разбереме како настанале тие галаксии“.


Такела заедно со своите колеги набљудувал 22 галаксии. Со помош на „Многу големиот телескоп“ (Very Large Telescope) од Европската јужна опсерваторија и телескопот „Хабл“, научниците открија дека три милијарди години по „Биг Бенг“, во овие галаксии се’ уште се формирале ѕвезди, но во периферијата. Во нивниот центар, формирањето одамна престанало.

Оваа теорија на престанување на формирањето на ѕвездите одвнатре-нанадвор треба да помогне при разбирањето на механизмите кои се вклучени во тој процес. Постојат многу различни теоретски предлози за физичките механизми кои довеле до смртта на масивните сфероиди. Водечката теорија вели дека материјалите од кои се прават ѕвездите биле расфрлани од страна на порој од енергија ослободена од централната супермасивна црна дупка во галаксијата. Друга теорија е дека престанало да има свеж гас во галаксијата, со што не можело да се формираат нови ѕвезди, па така галаксијата се трансформирала во црвен мртов сфероид.

Универзумот е стар околу 13,8 милијарди години, што значи дека галаксиите коишто ги проучувал Такела биле проучувани какви што биле пред повеќе од 10 милијарди години. Резултатите од истражувањето се објавени во „Science“.

Поддржете ја нашата работа: