Гонорејата станува отпорна на сите антибиотици

Центарот за контрола и превенција на болестите на САД објави дека гонорејата развива отпорност на последните два антибиотици со кои може да се лечи.

Со други зборови, оваа сексуално пренослива болест е на добар пат да биде отпорна на сите антибиотици и да стане неизлечива за сегашната медицина.

Се проценува дека само во САД секоја година 820.000 лица се инфицираат со бактеријата „Neisseria gonorrhoeae“, а половина од нив се на возраст помеѓу 15 и 24 години.

За лекување на болеста лекарите сега користат комбинација од два лека – азитромицин и цефтриаксон, но истражувањата покажуваат дека отпорноста на бактеријата кон двата лека во САД е во пораст.

Во 2014 година, процентот на примероците од гонореја кои биле отпорни на азитромицин  се искачил од 0,6 на 2,5 проценти – четири пати повеќе. Процентот на отпорност кон цефтриаксон се зголемил двојно – од 0,4 на 0,8 проценти. Иако овој процент не е многу голем, тоа сепак претставува аларм за истражувачите.

„Можноста гонорејата во иднина да стане неизлечива е многу реална “ – вели Роберт Киркалди за медицинското издание на „STAT“.

Гонорејата може да предизвика болки, печење, зголемена секреција и долгорочни компликации кои го зголемуваат ризикот од неплодност. Во ретки случаи, ако бктеријата влезе во крвотокот може да биде и фатална.

Зошто гонорејата толку добро успева да ги избегне антибиотиците истражувачите сѐ уште не се сигурни, но дел од проблемот е и тоа што кога бактеријата станува отпорна на некој лек, таа не ја губи таа отпорност.

Компаниите сега развиваат нови антибиотици, но може да поминат години пред тие да се појават на пазарот.

Киркалди не шпекулира кога би можела гонорејата да стане отпорна на сите антибиотици, но нагласува дека се работи за „кога, а не дали“ ќе стане отпорна.

Во меѓувреме, најдобар начин за борба против бактеријата е да се спречи нејзиното ширење – а тоа значи редовна употреба на кондом.

Поддржете ја нашата работа: