Хартија пиши – бриши

И покрај тоа што денешното општество се движи кон потполна дигитализација, се смета дека околу 90 проценти од деловните информациите се запишуваат на хартија, иако огромен дел се фрла после еднократна употреба.

Ваквата потрошувачка на хартија (како и на кертриџи), која е придружена од еколошки проблеми, како уништување на шумите, хемиско загадување на почвата, воздухот и водата, би можела да биде избегната доколку на хартијата би можело да се пишува и потоа да се брише по неколку пати.

Хемичарите од Универзитетот Риверсајд во Калифорнија, во лабораториски услови произведоа таква „обновлива“ хартија.

Методата е базирана на способноста на хемикалиите наречени редокс бои да ја менуваат бојата. Печатењето се постигнува така што со помош на ултравиолетова светлина се избелуват боите, освен на оние делови од хартијата каде што е запишан текстот. На оваа хартија може де се пишува и брише текст повеќе од 20 пати без  видливо да се намали контрастот или резолуцијата.

Хартијата всушност претставува тенок филм од стакло или пластика, преку кој може да се пишува неколку пати, а текстот се задржува непроменет во период од неколку дена и потоа може да се избрише едноставно со загревање.

Хартијата доаѓа во три основни бои: сина, црвена и зелена, што се постигнува со соодветна употреба на редокс боите, метиленско сино, неутрално црвено и киселинско зелено. Во боите се додаваат титаниски нанокристали (кои служат како катализатор), а за да се добие соодветна дебелина се додава водород целулоза (HEC).

Во текот на фазата кога се пишува, со помош на ултравиолетова светлина се врши редукција на редокс боите до нивно обезбојување, додека во фазата на бришење со ре-оксидација, односно преку реакција со кислородот од околината, хартијата повторно ја добива првобитната боја. Со загревање на 115 степени Целзиусови процесот на бришење се забрзува, така што целата постапка може да биде завршена за помалку од 10 минути.

Отпечатените букви остануваат читливи со висока резолуција во амбиентални услови повеќе од три дена, што е доволно долго за практична примена, како на пример читањето весници.

Производството на ваквата „обновлива“ хартија е едноставно, евтино и со мала потрошувачка на енергија, велат истражувачите.

Со цел да се намалат вкупните трошоци, истражувачите работат и на зголемување на бројот колку пати оваа хартија може да се употреби за пишување (целта е да се постигне 100 пати). Исто така истражувачите ја истражуваат и можноста да го зголемат периодот на читливост на повеќе од три дена , со што би се зголемила и неговата практична примена, како и можноста печатењето да се врши во различни бои.

Резултатите од студијата се објавени во „Nature Communications“.

Поддржете ја нашата работа: