Што точно е стравот? На најосновно ниво, стравот претставува когнитивен одговор на закана која предизвикува еден куп хемиски процеси, кои го подготвуваат нашето тело да се ослободи од истата.
Нашиот централен нервен систем реагира прв и испраќа сигнал до еден регион во мозокот кој се нарекува таламус, кој потоа го пренесува на амигдалата со помош на невротрансмитерот глутамат.
Глутаматот исто така е одговорен за пренесување на сигналите на страв до хипоталамусот и до центарот во мозокот познат како централна сива кој е вклучен во нашиот одговор на болка, страв и анксиозност. Кога ќе се активира, не става во состојба на хипер будност за да не подготви за бегање. Од друга страна, хипоталамусот е одговорен да ни помогне да одлучиме дали да се одбраниме или да избегаме, при што го поттикнува производството на хормонот адреналин.
Како што се објаснува во видеото, ослободувањето на адреналинот предизвикува нашиот црн дроб да започне со работа и да произведува многу глукоза, која откако ќе стигне до крвотокот ќе ни обезбеди дополнителна енергија. Исто така се произведува и кортизол чија улога е да ги одржува во работа сите тие одговори на „борба или бегство“.
Но, што ако ниту една од овие реакции не не ослободи од опасноста? Во одреден момент ќе започнеме да врискаме. Истражувањата покажале дека врисоците ги перцепираме во сосема различен дел од мозокот од другите човечки вокализации. Јазикот се перцепира во темпоралниот лобус, а врисоците одат директно до амигдалата, каде што се обработува нашиот одговор на стравот. Тоа значи дека без разлика на тоа дали ние врискаме или само слушаме нечив врисок, одговорот на мозокот е неверојатно сличен.
Но, што ако навистина не можеме да избегаме од опасноста, ниту да се одбраниме од истата и едноставно знаеме дека ни се ближи крајот?! Ќе оставиме да го погледнете видеото и да дознаете, а само ќе напоменеме дека има хемиска основа на клишеата за „гледањето на светлина“ и за целиот живот кој ни поминува пред очите.