Хидротермална активност на месечината на Сатурн

Ова откритие се надоврзува на можноста дека оваа месечина би можела да содржи средини погодни за живот.

Истражувањето на внатрешната структура на Енкеладус, со дијаметар од 500км, е врвен приоритет на мисијата Касини уште откако беа откриени облаци од мраз и водена пареа кои излегувале од пукнатините на јужниот пол на месечината во 2005 година.

Честичките на мраз биле богати со натриум сол, што значи дека водата била во контакт со карпи, па подоцнежните мерења на гравитационото поле на месечината покажале 10км. длабок подземен океан на јужниот пол, под 30-40км. дебелата кора од мраз.

Сега, по четири годишното проучување на податоците од леталото, во комбинација со компјутерски симулации и лабораториски експерименти, научниците можат да имаат поголем увид во хемиските реакции кои се одвиваат на дното на океанот на Енкеладус.

Научниците откриле мали зрна прашина, со радиус од само 2-8 нм. во орбита околу Сатурн. Тие се богати со силициум, по што се издвојуваат од честичките од вода и мраз кои доминираат на планетата и нејзиниот познат прстенест систем. Научниците сметаат дека овие зрна потекнуваат од океанското дно, каде што се случуваат хидротермални процеси. Таму, вода со температура од најмалку 90 степени Целзиусови ги раствора минералите од карпестата внатрешност на месечината. Потеклото на оваа енергија е нејасно, но најверојатно е комбинација од загревањето додека Енкеладус орбитира околу Сатурн, радиоактивниот отпад во јадрото и хемиски реакции.

Како што топлата вода патува нагоре, доаѓа во контакт со постудена при што минералите кондензираат и формираат нано-зрна богати со силициум кои „пливаат“ во водата, односно мразот. Тој процес може да трае со месеци или години (затоа и се толку мали). Потоа, се исфрлаат во вселената преку гејзерите на месечината и мразот еродира, па така се ослободуваат карпестите зрнца кои Касини всушност ги детектирал.

„Оваа месечина ги има сите состојки – вода, топлина и минерали – за да поддржи живот во надворешниот Сончев систем“, истакнуваат научниците.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: