Храната богата со железо може да ги намали корисните придобивки од зелениот чај

Познато е дека пиењето зелен чај е од голема корист за организмот. Неодамнешните истражувања покажуваат дека го намалува нивото на холестеролот, како и воспалението кај пациентите кои страдаат од синдромот на иритирани црава (СИЦ). Сепак, според едно ново истражување што беше објавено во „The American Journal of Pathology“, овие корисни придобивки на зелениот чај можат да бидат намалени доколку се комбинира со храна која е богата со железо.

Истражувачите од Универзитетот во Пенсилванија, во лабораториски услови ја испитувале поврзаноста помеѓу пиењето зелен чај и железото од храната на глувци со синдром на иритирани црева. Тие откриле дека ако зелениот чај се конзумира заедно со суплементи со железо или храна која е богата со железо – како црвено месо, маслинки и кељ, главната антиоксиднтна состојка од чајот епигалокатехин галате (ЕГКГ) се врзува со железото.

Во нормални услови ЕГКГ го супримира дејството на миелопероксидазата, ензим кој ја промовира инфламацијата, кој го ослободуваат белите крвни клетки како одговор на стимулација. Истражувачите веруваат дека оваа супресија  придонесува да се намалат тегобите при СИЦ што се случува кога се пие зелен чај. Меѓутоа, кога ЕГКГ и железото се конзумираат во исто време, железото ги врзува молекулите на ЕГКГ со што тие ја губат својата моќ да ја инхибираат миелопероксидазата, правејќи го на тој начин зелениот чај  помалку или воопшто неефикасен за пациентите со СИЦ.

Терминот синдром на иритирани црева ги опфаќа улцерозниот колит и Кроновата болест. И двете состојби се карактеризираат со хронично воспаление на дигестивниот тракт, а обично се манифестираат со ректално крварење, перзистентна дијареа и губење на тежината. Отприлика 60 до 80 проценти од пациентите патат и од недостаток на железо. Затоа обично на пациентите им се препишуваат суплементи со железо.

„Важно е пациентите со СИЦ кои земаат суплементи со железо и зелен чај да знаат дека едниот нутриент влијае на другиот“- велат истражувачите. Иако истражувањето е направено на глувци, наодите можат да се применат и на луѓето, бидејќи како што велат истражувачите „хемија е хемија“.

Поддржете ја нашата работа: