На научниците веќе им е познато дека откако стаорецот ќе истражи некој простор, одредени неврони во хипокампусот познати како „place cells“ ги повторуваат тие патеки додека стаорецот спие.
Овие неврони им помагаат и на стаорците и на луѓето да ја запомнат локацијата и да формираат ментална мапа. Кога се наоѓате на едно место, се активира одредена група од овие клетки, а кога ќе се поместите на друго место, се активира друга група од клетките, за да ја обележи локацијата. Кога научниците би можеле да ги снимаат активностите на овие специфични мозочни клетки, би можеле да откријат како умот прави мапа од новите локации. За да се направат вакви снимања, потребно е да се имплантираат многу тенки жици со електроди во мозокот, што од етички причини не е изводливо кај луѓето, но може да се направи кај стаорците.
Но дали стаорците можат да направат ментална мапа пред да го истражат просторот? Дали можат, на некој начин да го „замислат“? Тоа научниците го поставиле како цел на истражувањето.
Прво, истражувачите ги пуштиле стаорците да истражат еден лавиринт во облик на буквата „Т“. Тие можеле да се движат во центарот, но краците биле блокирани со проѕирна бариера. Додека стаорците гледале, истражувачите ставиле храна на крајот од едниот крак. Стаорците можеле да ја видат храната и патот, но не можеле да стигнат до неа. После тоа, кога биле заспани во своите кафези, истражувачите ја измериле активноста на нивните неврони. Се чинело како мозочната активност да им го „покажува“ патот низ местото кое стаорците не го поминале претходно. За да го потврдат ова, истражувачите повторно ги вратиле стаорците во лавиринтот, но сега без бариерите. Кога стаорците го истражувале делот каде претходно ја виделе храната, мозочната активност била иста како и за времето кога тие спиеле.
Овој процес на ментално мапирање сочинува околу 8% од мозочната активност на стаорците за време на спиењето. Ова можеби не изгледа дека е многу, но невронаучникот Хуго Спирс, ко-автор на истражувањето, вели дека тоа е значителна активност што мозокот ја посветил само на една задача, за време на одморот.
Овие активности кај стаорците можат да претставуваат показател за тоа што се случува во мозокот на човекот за време на спиењето. Се чини дека спиењето навистина ја подобрува меморијата – аргумент што се користи против учењето цела ноќ.
Експериментот со стаорците овозможува полесно да се согледа можната еволутивна придобивка од сонувањето, или нешто слично на тоа, иако се’ уште е најасно дали мапирањето на патеките до храната за време на спиењето, навистина им помага на стаорците подоцна да стигнат до неа. Тоа, вели Спирс е предмет на идните истражувања.
Истражувањето е објавено во „eLife“.