Каде одат инсектите во зима? Едно ново истражување објавено во „Science“ открива дека летачките инсекти мигрираат на сезонска основа. Ова движење претставува најголемата миграција во денешниот свет, создавајќи маса која е речиси 8 пати поголема од онаа на птиците кои мигрираат од Британија во Африка и има значителни еколошки последици.
„Инсектите се многу чувствителни на климатските промени, што може да доведе до значителни промени во популацијата на инсектите кои мигрираат, а со тоа да се предизвика и значајни промени во животната средина“, објаснува д-р Нир Сапир од Одделот за еволутивна и животна средина при Универзитетот во Хаифа, Израел, кој воедно е и еден од авторите на истражувањето.
Иако летачките инсекти претставуваат една од најголемите популации на планетата, досега не била направена ниту една сеопфатна квантитативна студија за нивната миграција. Истражувачите претпоставувале дека инсектите мигрираат, но не знаеле кога, колку итн.
Ова ново истражување дава одговор на тие прашања. За да соберат податоци, научниците поставиле радари пред 15 години во јужна Англија кои биле користени за да се процени био-протокот на инсектите на територија од 70.000 квадратни километри.
Радарите ја мереле тежината, брзината, правецот и висината на летање на инсектите, а за оние инсекти кои биле премногу мали за радарот да ги детектира, биле користени мрежи за да се фатат во воздухот, па потоа да се испитуваат.
Наодите јасно покажале движење на инсектите на југ во есен и движење на север во пролет. Она што ги изненадило научниците била големината на ова движење – околу 3,5 трилиони инсекти, со што се создава маса од 3.200 тони која мигрира во секоја сезона.
Истражувањето не ја испитувало почетната точка и дестинацијата на исектите, но истражувачите сметаат дека миграцијата се одвива на растојанија од најмалку неколку стотини километри, а можеби и повеќе.
Истражувањето исто така покажало и дека инсектите го користат ветерот за полесно да стигнат до одредена дестинација. Поголемите инсекти дури ја комбинирале својата природна брзина со ветерот за да достигнат брзина и до 58 километри на час за време на сезоната на миграција.
„Волку голема биомаса има огромна важност за функционирањето на различни екосистеми низ големи делови на светот, како и други аспекти за нашиот секојдневен живот“, објаснува д-р Сапир.
Телото на инсектите обично вклучува 10% азот и 1% фосфор. Циклусите на азот и фосфор во природата се многу значајни, особено поради тоа што овие хемикалии формираат ограничена компонента во синџирот на исхрана, што ги прави инсектите одлично ѓубриво за растенијата и одлична храна за птиците, лилјаците и другите животни кои јадат инсекти. Масивната миграција ги пренесува овие витални материјали на огромни растојанија.
Покрај тоа, инсектите помагаат во процесот на опрашување, понекогаш се штетни за растенијата, а понекогаш пак убиваат други штетници, пренесуваат болести и паразити.
Уште една важна последница на процесот на миграција е варирањето на вкупната биомаса на инсектите од година во година, што понекогаш може да достигне разлика до 200 тони. Научниците објаснуваат дека повеќе инсекти се раѓаат во потоплите лета, и соодветно на тоа миграцијата подоцна е поголема и обратно, помалку инсекти се раѓаат во поладните лета при што биомасата е помала.
Глобалните климатски промени значат дека климата станува се потопла, поради што научниците со голем степен на сигурност претпоставуваат дека бројот на инсектите значително ќе се зголеми. Се’ уште е премногу рано за да се знае дали тоа би било штетно или корисно, но она што е сигурно е дека ова е најголемата и највлијателната континентална миграција во светот, колку што знаеме досега. Треба внимателно да ја набљудуваме, заклучува д-р Сапир.