Кејти Слоком од Универзитетот во Јорк, Велика Британија, заедно со нејзиниот тим, снимила вокализации од група возрасни шимпанза од Холандија, пред и после нивното преместување во зоолошката градина во Единбург.
Три години по нивното преместување, шимпанзата од Холандија го попримиле „шкотскиот изговор“. Фреквенцијата на пискавите крици на мајмуните кога се наоѓале во Холандија изнесувала 932 херци, а по преместувањето се намалила на 708 херци, што соодветствува на понискиот „шкотски изговор“ на шкотските мајмуни. Промената била постепена и се совпаѓа со зголемувањето на пријателството помеѓу двете групи на мајмуни, што значи дека мајмуните, исто како нас, учат странски јазик за да се вклопат со новите соседи.
„Сето ова има смисла. Кога ќе се префрлат во друга група, се трудат да се прилагодат со тоа што учат да ги испуштаат истите звуци“, вели Слоком.
Исто така, овие откритија за прв пат го одвојуваат крикот од емоционалните испади, со што се побива мислењето дека животните немаат контрола на звуците коишто ги испуштаат.
Истражувањето е објавено во „Current Biology“.