И птиците си играат со снег

Играњето обично започнува кога една од нив почнува да копа во снегот правејќи тунел, па се приклучува уште една, па уште неколку други, додека на крај цела група не почне да го прави истото, оставајќи зад себе цел лавиринт од тунели и бразди.

Бернард Хајнрих, почесен професор на Универзитетот во Вермонт, го проучувал ова необично однесување на јато од околу 150 врапци (Carduelis flammea) во Западен Мејн, САД во периодот од ноември 2012 до февруари 2013 година, кога направиле најмалку 252 шуплини и кратки тунели.

Зошто тие го прават тоа, или што го поттикнува таквото однесување се’ уште останува мистерија.

„Не постои никаква видлива причина што би го поттикнала ваквото однесување, иако се чини дека има социјален аспект. Каде еден – таму и другите“, вели авторот.

Не постојат докази дека овие птици го правеле тоа барајќи храна, бидејќи во близина на тунелите воопшто немало вегетација. Малку е веројатно дека „се бањале“, бидејќи биле многу чисти, а не изгледало ни дека прават засолниште, па можно ли е само да се забавувале?

„Играта се дефинира како начин на однесување што нема непосредна функција, па во таа смисла да, тие само си играат“, вели Хајнрих.

Тој напоменува дека правењето на снежни тунели е и начин на адаптација. Тунелите во снегот имаат заштитна функција од студот во пределите на Арктикот – домот на овие птици. Тоа што ја минуваат ноќта во снежните тунели, им помага да ги преживеат ледените ноќи во арктичката тундра. Меѓутоа, снегот на Мејн се топи и во текот на ноќта се создава замрзнат слој што би ги заробил, па се чини дека тие го препознаваат тоа и затоа не ги користат тунелите на тој начин, што уште повеќе го поткрепува мислењето дека едноставно си играат.

Наодите се објавени во „Nоrtheastern Naturalist“.

Поддржете ја нашата работа: