Скршеното срце најчесто се поврзува со невозвратена љубов или смртен случај, но според едно ново истражување, среќата може да го има истиот ефект. Научниците откриваат дека среќните настани во нашите животи може да предизвикаат ретка срцева состојба позната како синдром Такотсубо (TTS), кој се карактеризира со привремено слабеење на мускулите на срцето.
Синдромот Такотсубо е повеќе познат неформално како „синдромот на скршено срце“ и предизвикува левата комора на срцето да се надуе на дното, додека вратот останува тесен. Од неговото откривање во 1990-тата година, истражувањата обично го поврзуваат со тешка емоционална болка, како што е тагата, лутината и стравот. Кај луѓето кои страдаат од овој синдром се појавува болка во градниот кош и недостаток на воздух, и ваквата состојба може да доведе до срцев удар или смрт.
Еден тим од Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија, истражувал 1.750 регистрирани пациенти со овој синдром – до сега најголем број на достапни податоци за оваа состојба – и открил дека кај некои луѓе синдромот на скршено срце се развива по некој среќен или радосен настан. Од 485 случаи каде што синдромот би можел да биде емотивно предивикан, 465 случаи (96 проценти) биле предизвикани од тага и стрес, додека 20 (4 проценти) од попозитивни емоции.
Среќните настани кои се сметаат за предизвикувачи вклучуваат роденденски забави, свадби, прослави, победи во спортот и породувања, додека тажните се смрт на некој близок, присуство на погреби, несреќи, загриженост поради болест и проблеми во врската.
„Докажавме дека предизвикувачите на ТТS можат да бидат поразлични отколку што се мислеше претходно. Еден пациент со TTS не е повеќе само класичен пациент со скршено срце и оваа болест може да биде проследена и о д позитивни емоции исто така. Нашите наоди го проширија клиничкиот спректрум на TTS“- изјавува Јелена Гадри, еден од истражувачите.
Гадри сугерира дека докторите треба да ги земат во предвид новите сознанија со пациенти кои се жалат на болка во градите и недостаток на воздух, бидејќи дури и ако нема тажен или стресен настан вклучено, причината може се’ уште да е TTS. И во двете групи, и тажните и среќните, ТТS бил почест кај жените и постарите луѓе, потврдувајќи дека најголемиот број на случаи на TTS се кај постменопаузалните жени.
Сега тимот сака да ги истражи понатамошните студии во основните механизми кои го предизвикуваат синдромот. „TTS е класичен пример на испреплетен механизам на повратни информации, кој вклучува и психолошки и физички стимули заедно. Можно е и среќните и тажните настани да предизвикуваат иста реакција во централниот нервен систем“ – вели Кристијан Темплин, еден од научниците кои работат на истражувањето.