Идентификување и предвидување на соларните ерупции

Научниците од Францускиот Центар за теории на физиката (CNRS / Ecole Polytechnique) и лабoраторијата за астрофизика, одделот за толкување и моделирање во Париз (CNRS / СЕА) биле во можност да ја следат активноста на сончевото магнетно поле во регионот со ерупции. Нивните пресметки откриваат формирање на магнетни јажиња кои произлегуваат од внатрешноста на Сонцето и се поврзани со појавата на сончеви дамки.  

Научниците потенцираат дека оваа структура игра важна улога во активирањето на ерупциите. Карактеризирајќи ја транзицијата кон ерупциите, се отвора патот за предвидување на соларните бури кои имаат влијание врз Земјата.

Соларните ерупции се настани што се случуваат во атмосферата на Сонцето. Тие се карактеризираат со емисија на светлина и честички, а во случај на големи еруции исфрлаат плазма-меурчиња. Разбирањето на потеклото на ваквите појави е корисно поради низа причини. Прво, соларните ерупции се локални, лесно забележливи феномени кои се случуваат во целиот универзум. Нивното влијание врз животната средина на Земјата ги прави вредни за проучување и предвидување. Соларните ерупции предизвикуваат повеќе нарушувања кои влијаат на копнените електрични генератори, сателити, GPS и комуникациски системи.

Атмосферата на Сонцето е составена од одреден број на слоеви вклучувајќи ја фотосферата, односно површината на Сонцето и короната, најодалечената област, каде што се случуваат ерупциите.  Досега, не беа познати сите структури и механизми, затоа што е тешко да се измери магнетното поле во секоја точка на исклучително жешката корона.

Ерупцијата, ноќта на 12-13 декември 2006 година, доведе до значаен чекор напред. Тогаш се собрани податоци од фотосферата, релативно постуден регион за разлика од коронота.

Врз основа на извршените пресметки, научниците покажаа дека карактеристична структура, во форма на магнетно јаже, постепено се појавува во деновите пред одблесокот и е целосно оформена непосредно пред ерупцијата. Формирањето на магнетното јаже се совпаѓа со промените во сончевите дамки во регионот. Енергијата на магнетното јаже постепено се зголемува за време на движењето од внатрешноста на Сонцето.

Транзицијата е пресметана врз основа на неколку критериуми, вклучувајќи го и нивото на енергија и височината над која магнетните алки, кои го ограничуваат јажето, стануваат пoслаби. Ако овие критични точки се надминат, се случува соларна ерупција.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: