Научниците покажале дека персоналната микробиома содржи доволно различни карактеристики за да може да се идентификува одредена индивидуа во истражувањето што го напревиле помеѓу стотици учесници. Ова истражување за прв пат, многу прецизно покажува дека идентификацијата на луѓето преку податоците од нивната микробиома е изводливо и укажува дека луѓето имаат изненадувачки уникатни микробиолошки жители.
Во своето истражување, научниците ги користеле јавно достапните податоци добиени преку проектот „Human Microbiome“ (HMP), каде биле опфатени податоците за микробите во столицата, плунката, кожата и други делови од телото, кај 242 лица, за период од еден месец. Научниците адаптирале класичен научен алгоритам за да ги комбинираат постојаните и карактеристични секвенци од првичните примероци од микробиомата на поединците, во специфични индивидуални „кодови“. Потоа, тие кодови ги споредиле со примероците од микробиомата земени од истите поединци во последователните посети и со примероците од независна група на поединци.
Резултатите покажале дека кодовите биле уникатни помеѓу стотици поединци и дека огромен дел од микробиолошкиот „отпечаток“ од поединците останал стабилен во пориод од една година, колку што траело земањето на примероци.
„Поврзувањето на примероци од човечка ДНК, со база на податоци од човечка ДНК е основа на форензичката генетика веќе со децении. Покажавме дека исто такво поврзување е возможно и со користење на делови од ДНК од микробите што го населуваат човечкото тело, без да има потреба од човечка ДНК. Со ова се отвора можност за поврзување на примероци од човечка микробиома помеѓу базите на податоци, што потенцијално може да откријат и чувствителни информации за одредена личност – на пример за сексуално преносливите болести што може да се откријат преку самите примероци од микробиомата“- велат научниците.
Тие додаваат дека, иако потенцијалната опасност за загрозување на приватноста на микробиолошката ДНК е исклучително мала, теоретски таква можност постои.
„Можеби уште повозбудливо е влијанието на ова истражување за микробиолошката екологија, бидејќи покажува дека уникатните микроби од нашето тело се приспособени на условите во телото – на нашата генетика, исхрана, и развојна историја, на начин кој ни помага да се одбраниме од нападите на помалку „пријателските“ микроби“- додаваат научниците..