„Со револуцијата на смарт телефоните и новите моќни алатки кои ќе можат да дијагностицираат воспаление на уво, или пак апликациите кои го следат срцевиот ритам или менталното здравје, значително ќе се намалат посетите на докторите, како и трошоците. Дигиталните аватари нема да ги заменат докторите, луѓето се’ уште ќе ги посетуваат, меѓутоа врската радикално ќе се измени. А луѓето со право треба да се загрижат за тоа дека ќе се уништи врската доктор-пациент и дека ќе се намали „човечкиот допир“ на медицината“, изјави д-р Топол за „The Wall Street Journal“. Тој е воедно и најистакнатата личност во областа на бежичната медицина.
На пример, ви се појави некаков вид на осип. Го сликате со вашиот телефон и си преземате апликација од интернет за да ја процесирате сликата. По неколку минути, компјутерскиот алгоритам ви испраќа дијагноза. Таа дијагноза може да ви препорача одредена маст која може да ја користите или пак да ви препорача посета на дерматолог.
Смарт телефоните веќе можат да се користат за мерење на крвниот притисок, па дури и за електрокардиограм. Апликациите за ЕКГ се потврдени во многу клинички испитувања и се веќе одобрени во САД.
Веќе се развиени часовници кои постојано го мерат притисокот и виталните знаци, а во фаза на развивање се и ланчиња кои ја следат функцијата на срцето и количината на течности во белите дробови, контактни леќи кои го мерат нивото на шеќер или очниот притисок и стегачи за глава кои ги мерат мозочните бранови. Во развој се и сензори за смарт телефоните кои ќе го следат изложувањето на радијација, загадувањето на воздухот или пестицидите во храната. Неодамна објавивме и статија дека истражувачите се обидуваат да создадат и смарт телефон кој ќе го дијагностицира ракот. На тој начин, вие постојано ќе го набљудувате вашето тело и токму во тоа е иднината на медицината.
Забележан е и напредок кај виртуелните психијатри, а едно истражување од минатата година покажува дека луѓето повеќе би сакале да ги споделат своите чувства и мисли со „виртуелен човек“ отколку со вистински.
„Сето ова звучи неверојатно, меѓутоа овие иновации се се’ уште на самиот почеток и потребни се клинички тестирања кои би ја докажале нивната ефикасност. Инаку, сета оваа дигитална медицина би била залудна. Иако понекогаш е полесно да се разговара со дигитален аватар и иако оваа нова технологија би обезбедила побрзи и поевтини медицински информации, сепак посетите на докторите понекогаш не можат да се заменат, особено не за сериозни прашања за кои е потребен директен разговор лице в лице“, заклучува докторот.