Има ли напредни цивилизации во наша близина?

Ако постојат супернапредни цивилизации во нашата околина, тогаш се кријат исклучително добро. Ова го заклучува еден холандски астроном, кој разгледувал примероци од галаксии кои светат необично сјајно во средното инфрацрвено подрачје. Тоа е знак дека тука може да се наоѓа т.н. Кардашев III – тип на цивилизација, која има технологија да ја собира светлината од ѕвездите низ цела една галаксија.

Во 1960-тите години, рускиот астроном Николај Кардашев предложил теоретска скала за мерење на технолошкиот напредок на цивилизациите, што се базира на количеството на енергија што цивилизацијата е во состојба да ја искористи (дали може да ја користи енергијата од матичната планета, од матичното сонце или од матичната галаксија). Кардашев III – тип на цивилизација, хипотетички би ја собирала енергијата од целата галаксија, со тоа што галаксијата би била заобиколена со „Дајсонова сфера“. Но, ова сепак би предизвикало истекување на голема количина на отпадна топлина во средното инфрацрвено подрачје.

Еден тим од САД минатата година изготви листа од 93 галаксии кандидати, каде е забележана необично висока средно инфрацрвена емисија. Истражувачите направиле споредба на средното инфрацрвено зрачење на овие галаксии со нивната емисијата на радио бранови. Повеќето од овие мерења се прават според правилото што се нарекува средно инфрацрвена и радио корелација што може да се примени кај речиси сите галаксии.

Во студијата објавена во „Astronomy & Astrophysics“ се заклучува дека кај најголемиот број од овие системи, емисиите се последица на природните астрофизички процеси, поврзани со термалните емисии од облаците од прашина што доаѓаат од регионите каде активно се формираат ѕвезди.

Значи, ако постојат некаде Кардашев III – тип на цивилизации, тие или се многу ретки или имаат технологија да го прикријат своето постоење.

Поддржете ја нашата работа: