Сорто е првиот човек во светот кој има неврална протетска направа имплантирана во својот мозок, со помош на која може да прави лесни и прецизни движења со роботската рака.
Невронските протетски уреди имплантирани во центарот за движења во мозокот – во моторниот кортекс, им овозможуваат на парализираните пациенти да ги контролираат роботските екстремитети, но со досегашните вакви импланти пациентите можеа да прават движења кои се спори, со задоцнување и испрекинати, а не рамномерни, слични на природните движења. Сега со имплантирање на невропротезата, не во делот од мозок што го контролира движењето директно, туку ја контролира намерата да се направи движење, истражувачите успеале да развијат начин за создавање на природни нормални движења.
Ова е постигнато преку клиничка соработка на Калтек, медицинската школа Кек на Универзитетот во Јужна Калифорнија и Националниот рехабилитационен центар „Ранчо дел амигос“.
Уредот е хируршки имплантиран во мозокот на Сорто во април 2013г. и од тогаш тој тренира со истражувачите од Калтек и персоналот во центарот за рехабилитација како да го поместува курсорот на компјутер и роботската рака со помош на своите мисли.Хирурзите имплантирале две низи од мали електроди во два дела од задниот париентален кортексс – делови кои контролираат различни движења. Секоја низа со големина 4 на 4 милиметри, содржи 96 активни електроди , кои сукцесивно ја мерат активноста на секој поединечен неврон во задниот париетален кортекс. Секоја од низите преку кабел е поврзна со компјутерски систем кој ги процесира сигналите, за да декодира која е намерата на мозокот и со кој се контролира надворешниот уред – како роботската рака или курсорот на копјутерот.
Шеснаесет дена после операцијата, Сорто го започнал својот тренинг во центарот за рехабилитација, каде на излезните продолжетоци на неговата глава му бил приклучен компјутер за комуникација со неговиот мозок. Тим од професионални терапевти, специјализирани да им помогнат на пациентите кои ја изгубиле функцијата на рацете, секојдневно работеле со Сорто и тимот од Калтек, за да му помогнат да визуелизира како повторно ја движи својата рака.
После една недела од тренингот за визуелзација на движењето, Сорто успеал да го помести екстремитетот со мислите во првиот свој обид. Со понатамошен тренинг ја усовршил контролата и сега е во состојба да извршува напредни задачи со своите мисли, како што се контрола на курсорот на компјутерот, да се напие пијалок, да се ракува и да изведува различни други задачи со роботската рака.
„Овие први, многу важни клинички испитувања даваат надеж за пациентите со сите видови невролошки пореметувања, каде се појавува парализа, како што се повредите на мозокот, мозочен удар, АЛС, па дури и мултипла склероза“- вели неврологот Кристи Хек, вонреден професор по неврологија на Универзитетот во Јужна калифорнија.