Од 481.000 новороденчиња што се зафатени од жолтица секоја година, 114.000 умираат од неа, додека 63.000 преживуваат, но со оштетувања. Најголемиот број од овие деца живеат во сиромашните земји, особено во земјите од суб-сахарска Африка.
Жолтицата се јавува кога сустанцијата билирубин се таложи во крвта на бебето предизвикувајќи жолта пребоеност на кожата. За време на бременоста, црниот дроб на мајката го отстранува билирубинот од бебето, но штом се роди, се очекува црниот дроб на бебето да почне сам да го филтрира билирубинот. Но, ако црниот дроб на бебето не е доволно развиен, билирубинот ќе почне да се таложи.
Ако не се лекува, тешката форма на жолтица може да доведе до керниктерус – еден вид на оштетување на мозокот. Исто така, постои ризик од церебрална парализа, глувост или нарушувања во менталниот развој. Кај некои од популациите во Африка, Азија и Медитеранот постои поголем ризик од развој на оваа жолтица.
Како стандарден третман се користи фототерапија со лампи. Бебето се става во инкубатор под специјално УВ-светло. Светлината го разложува билирубинот и состојбата се санира во рок од неколку дена. Но, овие инкубатори и ултавиолетови светилки многу често не се достапни во земјите во развој.
Истражувачите од Универзитетот Стенфорд, Универзитетот во Минесота и детската болница во Лагос, Нигерија, развиле евтина опција – прекривки од пластична фолија преку кои се филтрира сончевата светлина.
Според истражувањето објавено во “New England Journal of Medicine“, овие пластични прекривки се покажале подеднакво ефикасни во третирањето на жолтицата како и стандардната фототерапија. По тестирањето во Нигерија, истражувачите утврдиле дека пластичните прекривки штитат од штетните УВ зраци, а ја пропуштаат сината бранова должина која е потребна за лекување на жолтицата.
Со истражувањето биле опфатени 447 бебиња со жолтица од болницата во Нигерија, од кои кај половината била користена стандрдната фототерапија, а кај другата половина пластичните прекривки. Под овие прекривки мајките ги држеле бебињата најмалку пет часа на дневна светлина. Третманот со прекривките бил 93 проценти ефикасен, додека стандардниот третман бил 90 проценти ефикасен.
Оваа нова тераписка метода може да биде особено корисна за сиромашните земји, каде стандардната метода за терапија не е доволно достапна.
Истражувачите се надеваат дека овие наоди ќе ги охрабрат здравствените власти во сиромашните земји самите да направат вакви прекривки и да спроведат јавна кампања за оваа нова метода на терапија.