Инсектите користат хемикалии за комуникација

Изолирањето на овие хемикалии и утврдувањето на нивната апсолутна конфигурација е вистински предизвик за ентомолозите и хемичарите од Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд. Тие смислиле директен метод за прочистување на овие соединенија кој би можел да резултира со нови „зелени“ методи за контрола на штетниците, како на пр. мравките, со тоа што ќе се наруши организацијата во нивните колонии.

Истражувачите развиле техника која ги комбинира веќе познатите методи за фракција со обратна фаза на течна хроматографија. Конкретно, тие го користеле методот за да изолираат 36 чисти јаглероводородни молекули од сложените мешавини на 20 случајно избрани видови од 9 редови на инсекти и да ги тестираат ефектите од индивидуалните хемикалии.

„Кај инсектите кои живеат во големи колонии, како на пр.мравките и пчелите, овие хемикалии имаат и други функции. Кралицата во овие колонии, на пример, ги користи хемикалиите за да ги спречи нејзините работници сами да несат јајца, со што таа би останала единствената репродуктивна женка во колонијата“, објаснува Џозелин Г. Милар, професор по ентомологија и хемија.

Истражувачите морале да бидат многу внимателни поради фактот што хемикалиите може да бидат во две форми ( „R“ или „S“ форма), а тие не знаеле кои инсекти каква форма произведуваат.

Истражувачите го решиле овој проблем со тоа што покажале дека сите 20 инсекти кои биле тестирани, без разлика на видот, полот и возраста, имале „R“ форма од овие хемикалии. Тоа значи дека скоро сите инсекти произведуваат иста форма на хемикалии, што е од голема помош за научниците да откријат што прават овие сигнали и како функционираат. Истражувањето е објавено во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.

Поддржете ја нашата работа: