Интервју со Проф. Гордана Апостоловска по повод “Светскиот ден на астероидот”

„Една од најголемите закани за интелегентниот живот во нашиот универзум е големата веројатност за судири на астероиди со населени планети“. – Стивен Хокинг

Што е денот на астероидот?

Денот на астероидот е светско движење кое има за цел да ја зголеми јавната свест за потенцијален удар на астероид во нашата планета, за можните последици и начините како да се заштитиме.

На 7 декември 2016 година основачите на Денот на астероидот објавија дека Генералното собрание на Обединетите Нации официјално го прогласило 30 јуни за светски ден на астероид.

За таа цел, тимот на Енаука стапи во контакт со Гордана Апостоловска, професор на Институот за физика, ПМФ, каде предава на предметите: астрономија со астрофизика, физиката на Земјата и атмосферата со екологија, општа астрономија, обработка на астрономски податоци и физика и заштита на природната средина, сончева енергија и форензичка физика.

Проф. Апостоловска била секретар на Македонското астрономско друштво (МАД) од неговото основање во 1996 г., а претседател од 2008 г. до април 2016. Од 2008 до 2011 г. била главен уредник на научно-популарното списание Астрономски алманах, и раководител на Зимската астрономска школа која секоја година се организира од МАД. Во Меѓународната година на астрономијата 2009, била национален претставник за Македонија u раководител на Астрономски камп за млади -Кокино 2009.

Во последните 10 години објавила над 20 труда и учествивала на неколку  меѓународни конференции.

ЕНЗошто токму 30 јуни е прогласен за Ден на астероидот?

Г.А: Првото официјално одбележување на Денот на астероидот ќе биде на 30 јуни 2017 година. Овој датум воедно ја одбележува годишнината од „Тунгуска‟ настанот кој се случи во 1908 година во Сибир, Русија кога објект со дијаметар од околу 40 метри експлодирал над површината на земјата и ги срушил дрвјата на ненаселена површина од 2000 km2. Доколку овој настан се случил на иста таква површина на која се наоѓа густо населен град последиците би биле катастрофални.

Сл. 1 На графикот е претставен порастот на бројот на откр謬е¬ните блиски до Земјата астероиди од осумдесетите години на минатиот век па се до 21.06.2017 година


ЕН
Како започна ова светско движење?

Г.АПриказната за тоа како се создаде идејата за ваков настан започна во 2014 г. кога д-р Брајан Меј (Brian May) астрофизичар и главен гитарист на познатата рок група Квин (Queen) беше ангажиран од  режисерот Григориј Рихтер (Grigоri Richters) да компонира музика за неговиот нов филм. Насловот на филмот е  „51° северно‟ (51 Degrees North) и се однесува за фиктивен удар на астероид во Лондон и за настанатите последици.

За да осигурат глобална подршка за идејата тие се поврзаа со специјалисти за планетарна одбрана од фондацијата B612:  астронаутот на Аполо 9 Расти Швеикарт (Rusty Schweickart), астронаутот кој учествувал во три мисии  д-р Ед Лу (Ed Lu) и Даница Реми (Danica Remy), шеф на B612.

Покрај за Денот на астероидот се слуша и за Декларацијата „100X Asteroid Declaration‟. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?

Г.А: Астрономите проценуваат дека има над 1 милион на астероиди кои се потенцијално опасни за судир во Земјата.Раното откривање и предупредување е суштествено за одбраната на нашата планета.

Досега се откриени само 1% од потенцијално опасните астероиди, а со сегашната технологија се смета дека би можело да се откриваат годишно  околу 1000  блиски до Земјата астероиди со дијаметар над 20 метри.

Ова значи дека ќе ни требаат повеќе од 1000 години за да се откријат 1 милион објекти кои ја застрашуваат нашата планета.  За забрзување на овој процес беше потпишана „100X Asteroid Declaration‟ која има за цел да го зголеми бројот на откриени објекти годишно за 100 пати. Први потписници на Декларацијат беа кралскиот астроном на Велика Британија, лордот Мартин Рис, познатиот музичар Питер Габриел како и бројни експерти од областа на планетарната одбрана.

Четирите основачи  на Денот на астероидот д-р Брајан Меј, Григориј Рихтер, Даница Реми и Расти Швеикарт  ја потпишаа „100X Asteroid Declaration‟ . По нивното потпишување тие се ангажираа Декларацијата да биде потпишана од над 200 астронаути, нобелови лауреати, бизнисмени и лидери. Денес потписници на оваа декларација се над 40 000 луѓе од целиот свет.

Она што почна како декларација на научниците за зголемување на брзината на откривање на астеродите премина во глобално движење наречено Денот на астероидот. Главна цел е подигнување на свесноста за овој веројатен природен настан чии последици сепак би можеле да се спречат. Затоа што според она што се знае за популацијата на Блиските до Земјата астероиди и за историјата на удари во Земјата, за што сведочат над 200 кратери (астроблеми или т.н. ѕвездени рани) на површината на Земјата , научниците се сигурни дека во Земјата ќе удри астероид. Она што треба да го дознаеме е кој објект и кога тој настан би се случил за да бидеме подготвени за заштита на нашата цивилизација и на сите живи видови нашата планета.

ЕН: Што ќе се случува на глобално ниво на 30 јуни?

Г.А.: На 30 јуни во 03часот локално време ќе отпочне 24 часовно пренесување на програма за вселената, астероидите и нашиот Сончев систем. Тоа ќе биде прв 24 часовен пренос вселената и на некој начин ќе биде дел од историјата. Asteroid Day LIVE ќе вклучува 6 часови програма во живо од Луксембург, а другите часови ќе бидат исполнети со програми од други интернационални организации како ESA, JAXA  и NASA. На тој начин ќе се создаде глобална конверзација помеѓу научниците и експертите за најзначајните мисии поврзани со астероидите, и за најновите откритија. Водител на настанот ќе биде професорот Брајан Кохс (Brian Cox) познат британски физичар и BBC коментатор.

: Како може нашата држава да учествува во движењето на Денот на астероидот?

Г.А.: Покрај настани организирани во училиштата поврзани со предавања, гледање на филмови за астероидите и воопшто со Сончевиот систем, би требало да се изгради астрономска научна опсерваторија со која би се откривале и следеле астероиди. Таа би била поврзана со мрежата на астрономски опсерватории во соседните држави и пошироко и би дала свој придонес за откривање на опасните астероиди и навремено алармирање за заштита на нашата планета.

На Институтот за астрономија при Природно-математичкиот факултет се едуцираат кадри од областа на астрономијата и астрофизиката, кои би можеле да придонесат за училишното образование по астрономија во државата, кое за разлика од соседните држави е на многу ниско ниво, но и да се вклучат во работата на астрономската опсерваторија.

Повеќе информации и разни видеа во врска со Денот на астероидот може да најдете тука.

SOCIAL MEDIA: Join us in the Asteroid Day conversation:
TWITTER: @asteroidday #AsteroidDay, #AsteroidDayLive;
FACEBOOK: www.facebook.com/AsteroidDay #AsteroidDay, #AsteroidDayLive
YOUTUBE: www.youtube.com/user/asteroidday

Поддржете ја нашата работа: