Џуџестата планета Церера, која се наоѓа во астероидниот појас во нашиот Сончев систем, не покажува никакви знаци на големи кратери, што е чудно со оглед на тоа што оваа планета постои 4,5 милијарди години. Научниците од САД сметаат дека конечно откриле зошто овие геолошки карактеристики не се присутни кај оваа планета.
Новите откритија сугерираат дека кратерите може да исчезнале во текот на милионите години поради ледената кора и геотермалната активност на Церера.
„Заклучивме дека значителен број на големи кратери на Церера се избришани до таа мера што не можат да се препознаат, најверојатно како резултат на специфичниот состав и внатрешната еволуција на планетата“, вели главниот истражувач Симон Марчи од Југозападниот истражувачки институт во Колорадо.
Истражувачите користеле компјутерски модели за да утврдат колку кратери би требало да има и откриле дека во текот на својот живот Церера би требало да има најмалку 10 до 15 големи кратери (поголеми од 400 км во дијаметар), и најмалку 40 кратери со средна големина (околу 100 км во дијаметар). Овие бројки не се совпаѓаат со бројот на кратери кои всушност се откриени на површината на планетата, со помош на мисијата „Dawn“ на НАСА. Тој број изнесува само 16 кратери поголеми од 100 км во дијаметар и ниту еден кратер поголем од 280 км во дијаметар. Единствениот знак за поголеми удари се три “planitiae” – големи депресии кои може да се остаток од некој екстремен удар многу одамна.
Се надеваме дека со понатамошните проучувања на оваа планета ќе дознаеме нешто повеќе за овие исчезнати кратери, како и за мистериозната геолошка активност.
Новите откритија се објавени во „Nature Communications“.