Познатата сцена од филмот „Матилда“ на Дени Девито, со чоколадната торта, покажува дека нашиот копнеж за одредена храна може да го извлече најдоброто од нас, но исто така ја покажува и нашата моќ за самоконтрола.
Откако ќе украде парче торта од школската кафетерија, ученикот Брус ќе биде присилен да изеде цела огромна чоколадна торта, против своја волја. После неколку парчиња, неговата силна желба за чоколада исчезнува. Брус ќе биде „жртва“ на техниката за навика – со други зборови, ќе се навикне на тоа.
Во видеото на „Brit Lab“, со назив „Како да го контролирате својот копнеж (за храна)“, водителот Мичел Мозли објаснува дека техниката „за навикнување“ е корисен психолошки трик, кој помага да се контролира желбата за одредена храна и да се подигне моќта на волјата.
Професорот Кери Морвеџ од Универзитетот во Бостон, во 2015 година направил експеримет во кој учествувале 200 волонтери, љубители на чоколада за да види што ќе се случи доколку наместо вистински да јадат, тие замислуваат дека јадат чоколада. Една група од учесниците добила задача да замислува дека јаде чоколада три пати, додека другата група дека јаде 30 пати. Кога им било понудено вистински да изедат чоколадо, втората група изела 40 проценти помалку, во споредба со првата.
Во овој случај, најдобар начин волонтерите да се натераат да не јадат чоколадо било фактички да се примораат постојано да замислуваат како ја пробуваат, џвакаат и голтаат чоколадата. Според Мозли, кога се обидуваме да го потиснеме копнежот, на пример за чоколада, нашата желба всушност станува уште поголема. Меѓутоа, доколку замислиме дека јадеме обилно количество од таа храна, ние нема да имаме толкава желба за истата кога ќе може вистински да ја јадеме.
На пример, кога ќе пробаме нешто што многу сакаме да го јадеме, го активираме центарот за наградување во мозокот кој го ослободува хормонот на „задоволството“ допамин. Меѓутоа, колку почесто ова се случува, ефектот врз ситемот за наградување со време станува сѐ помал, намалувајќи го и нивото на допамин. Со други зборови, кога ќе изедеме повеќе отколку што ни е потребно од храната за која имаме желба, нема да добиеме награда ако изедеме уште повеќе, бидејќи мозокот се навикнал на неа.
Треба да се запомни дека техниката за навикнување функционира за конкретната работа што ја замислуваме, или слична на неа. На пример, не помага ако замислуваме дека јадеме сирење, а имаме желба за чоколада. Копнежот е во основа начин на кој мозокот ни кажува дека нешто ни треба, кога всушност не ни е потребно.
Затоа, кога следниот пат ќе ви се јави копнеж за нешто или некој порок, замислете дека го правите 30 пати и запрашајте се „Дали навистина вреди толку“?