Искуства во моментите блиску до смртта

Со студијата наречена “AWARE“ (AWAreness during REsuscitation ) – Свесност во тек на реанимација – биле опфатени 2000 пациенти од 15 болници во САД, Велика Британија и Австрија и бил испитуван широк опсег на доживувања поврзани со смртта.

Истражувачите исто така за прв пат во една студија од ваков обем поставиле и тестови со кој се одредува валидноста на свесните искуства – со употреба на објективни маркери, за да утврдат дали тврдењата од свесност се вистинити или се халуцинација.

Наодите од студијата објавени во “Resuscitation“, а предводени од д-р Сем Пимиа од медицинскиот центар „Стони Брук“ при Државниот Универзитет во Њујорк, покажуваат дека 39 проценти од луѓето кои преживеале срцев застој и биле во можност да бидат интервјуирани, можеле да ја опишат состојбата на свесност, но не биле во можност да се сетат на конкретни настани.

Студијата покажала дека темите поврзани со доживувањата околу смртта се многу пошироки отколку што претходно беа опишани. Во некои случаи пациентите имале сеќавање за визуелна свесност која одговара со т.н. вонтелесно доживување кое може да кореспондира со акуелните настани поврзани со срцевиот застој, додека друга поголема група луѓе едноставно, од разни причини, немаат такви сеќавања.
Понатаму, д-р Пимиа и неговите колеги истражувачи, истакнуваат дека изразите како „слично на смрт” или „вонтелесно доживување” не се соодветни за да се опишат вистинските искуствата поврзани со смртта.

Понатака, студијата би требало повеќе да се фокусира на срцевиот застој кој е биолошки синоним за смрт, отколку – како што тие го нарекуваат – лошо дефинираните медицински состојби што се понекогаш се нарекуваат „блиски до смрт”.

Спротивно на воспоставената перцепција, смртта не е специфичен момент, туку потенцијално реверзибилен процес кој настапува после секоја тешка болест или несреќа која доведува до престанок на работата на срцето, белите дробови и мозокот.

Д-р Пимиа вели: „Ако обидите да се преобратат овие процеси завршат успешно, тогаш се нарекува срцев застој, а доколку не успеат се нарекува смрт. Со студијата сакавме да одиме малку подалеку и објективно да истражиме што се случува кога ќе умреме. Тоа што 39 проценти што преживеале срцев застој и ја опишале состојбата на свесност после инцидентот, но не можеле да се сетат на специфични детали, укажува дека повеќе пациенти првично имаат ментални активности, но ги губат сеќавањата после опоравувањето или заради последиците од повредите на мозокот, или заради седативното дејство на лековите врз меморијата”.

Од вкупно 2060-те случаи на срцев застој, 140 преживеани биле во состојба да ја завршат фазата 1 од интервјуата, а 101 да ја завршат фазата 2 од интервјуата. 46 проценти од овие индивидуи имале широк обем на ментални сеќавања поврзани со смртта, но не биле компатибилни со она што вообичаено се подразбира како „искуство слично на смрт”.
Овие сеќавања опфаќаат седум примарни когнитивни теми, вклучувајќи и страв, семејство, животни и/или растенија, јасна светлина, насилство и/или прогон и чувството на веќе видено (déjà- vu).

2 проценти ја опишале свесноста со експлицитни сеќавања за тоа што слушнале и виделе за време на реанимацијата, а кај еден е потврдена неговата свесност во периодот кога се верувало дека не може да се воспостави мозочната функција. Тој случај бил верификуван и измерен временски со помош на аудитивни стимулуси за време на срцевиот застој.

Според д-р Пимиа овој настан е значаен, бидејќи досега се претпоставуваше дека искуствата поврзани со смртта се веројатно халуцинации или илузии кои се јавуваат непосредно пред срцето да запре со работа или после реанимацијата, но не е искуство кое одговара на реалните настани што се случиле за време додека срцето не работело. Ова претставува парадокс, со оглед на тоа дека мозочната активност престанува во рок од 20 до 30 секунди откако срцето ќе престане да работи и не се воспоставува додека срцето повторно не почне да работи. Исто така, деталите од сеќавањата во текот на визуелната свесност се поклопуваат со реалните настани.

 

 

Иако со апсолутна сигурност не можат да се потврдат овие искуства на пациентите кои тврдат дека имале вонтелесни доживувања (со оглед на малата инциденција – само 2 проценти кои експлицитно го потврдуваат вонтелесното искуство), сепак невозможно е да се отфрлат.

Јасно е дека искуствата поврзани со сеќавањaта околу смртта треба и понатаму да се истражуваат вистински и без предрасуди – заклучуваат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: