Исти гени, одговорни и за аутизам и за интелигенција

Според резултатите, гените кои се поврзани со развојот на  аутистичниот спектар на нарушувања се поврзани  и со подобри когнитивни способности кај лицата кои немаат нарушувања. Наодите се објавени во „Molecular Psychiatry“.

Аутистичен  спектар на нарушувања (АСН) е термин кој се користи за  опишување на  голем број на невроразвојни заболувања, вклучувајќи аутизам и Аспергеров синдром кои се карактеризираат со тешкотии вокомуникацијата, социјални дефицити, повторливи однесувања и опсесивни интереси.

Исто така, постои значително преклопување меѓу АСН и интелектуалната попреченост. До 75% од лицата со аутизам имаат невербална IQ под 70. Меѓутоа, АСН, исто така, може да се случи кај лица со нормална или дури и натпросечна невербална интелигенција. Во овој случај, лицата се способни да расудуваат и да решаваат проблеми, без или со мала употреба на јазик. И покрај овие забелешки, постојат многу малку истражувања за генетското преклопување на АСН и интелигенцијата.

За решавање на овој јаз во нашето знаење, научниците од Универзитетот во Единбург, Шкотска и Квинсленд Институт за медицински истражувања  анализирале 10.000 лица од општата популација. Методологијата вклучува днк анализи и решавање на различни когнитивни тестови.

Истражувачите открија дека генетските ризик фактори за појава на АСН се во позитивна корелација со општите когнитивни способности, логичната меморија и вербалната интелигенција. Ова значи дека лицата кои немаат аутизам, но поседуваат гени поврзани со аутизмот, имаат тенденција за подобри когнитивни резултати.

Истражувачите потоа го проширија истражувањето на 921 лица кои биле регрутирани во Бризбејн центарот за проучување на близнаци адолесценти. Уште еднаш, потврдена е врска помеѓу гените поврзани со АСН и интелигенцијата.

„Ова истражување покажува дека гените за аутизам, всушност, во просек, може да обезбедат мала интелектуална предност на оние кои ги носат, под услов тие да не се погодени од аутизам”, вели авторот на истражувањето, професорот Ник Мартин  во соопштението.

Со разбирање на генетските варијации поврзани со аутизмот и нивното влијание врз мозокот, научниците се надеваат дека конечно ќе ја разберат природата на аутистичната интелигенција.

Поддржете ја нашата работа: